Со двата гола против Беневенто кој ги постигна за само 10 минути, Пандев синоќа стигна до јубилејната бројка од 100 гола во серија А и стана првиот Македонец со ваков успех во топ 5 лигите во Европа.
Добар повод за кој зборуваше во живо на Скајспорт:
„Долго време сум во Италија и ова е убаво достигнување. Среќен сум. Не очекував да постигнам многу голови. Јас сум напаѓач, но играв и како крило и направив многу грешки. Среќен сум што ги постигнав во дресот на најстариот клуб во светот.
Дали ќе играм и следната година? Прво да се спасиме што е можно побрзо, потоа ќе видиме, ќе разговарам со претседателот. Физички сум добар и се надевам дека ќе одиграме добро Европско, а потоа мислев да престанам“.
Потоа го вклучија Конте на кој Пандев му рече:
„Му честитам за сезонава и мислам дека ова е добра година за освојување на Скудетото. Да се надеваме дека ќе го освои Интер“.
А пак тој му одговори:
„Не престанувај, имаш уште многу да му дадеш на фудбалот“.
„Тешко е“, му реплицираше Пандев.
„Знам, но се додека имаш желба за тренирање, треба да продолжиш“.
Потоа Конте доби прашање од студио дека минатата сезона го посакувал Пандев во Интер.
„Да да, имаше таков муабет со раководството на Интер“.