Досегашниот тренер на ФК Вардар, Илчо Ѓорѓиоски е новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија. За него гласаа 100 од присутните 110 делегати на собранието кое денес се одржа во Охрид, а по неговиот избор тој изјави:
„Јас сум човек од фубалот и ќе бидам најпосветениот претседател. Ќе работам 24 часа дневно и можам да ветам ред, работа и дисциплина и тоа ќе го барам и од сите кои што ќе работат со мене."
Како и се што се случувало во минатото во врска со македонскиот фудбал, ниту овој избор не помина без скандали. Уште од поодамна се говореше за политички притисок заради кој денес Илчо Ѓорѓиоски немаше против-кандидат, за притисоци говореа и делегатите на денешното собрание, а некои ја оспорија пријавата на новиот претседател, потенцирајќи дека таа е предоцна упатена кон ФФМ и затоа изборот е невалиден.
Но во секој случај поголемиот дел од македонската фудбалска јавност е согласна со ставот на мнозинството делегати кои гласаа за новиот претседател со надеж дека било каква промена би значела промена кон подобро.