Фудбалската кариера на Карлос Бака не е позната за многумина, а неговата тешка животна приказна уште помалку. Фудбалерот кој се споменува како замена за Диего Коста во Атлетико Мадрид, а интерес за него има и од Барселона, Милан, Евертон... имал тежок пат до врвот.
Сè до 20-та година Карлос живеел во својот роден град Пуерто Колумбија каде играл за аматерските клубови од околината. За да го прехрани своето семејство, тој работел како кондуктер во автобус, а во слободното време продавал и риба.
Првиот професионален натпревар го одиграл на 23 години и од тогаш неговата кариера оди во нагорна линија. По 50 гола на 97 натпревари за колумбискиот Атлетико Жуниор, во 2011-та година Бака направи трансфер во Клуб Бриж каде минатата сезона беше најдобар стрелец во белгиското првенство и го освои признанието за најдобар фудбалер.
Оваа сезона во дресот на Севиља постигна 14 гола, вклучувајќи и два против Реал Мадрид и уште 6 во Лига Европа.
Фудбалерот кој до пред 7 години бил кондуктер во автобус и продавал риба, а првиот професионален натпревар го одиграл пред само 4 години, сега вреди 10 милиони евра, го бараат неколку фудбалски гиганти и вечерва има шанса да го подигне пехарот од Лига Европа.