Кокошја среќа за Фулам

Англискиот премиерлигаш ја откри тајната на новиот успех. Со помош на нивните кокошки кои ги купија пред речиси една година ќе се надеваат на нови победи во англиското првенство. Кокошките освен што снесуваат јајца, ќе имаат задача да ги прогнозираат натпреварите каде што игра Фулам.

Во фармата која е во сопственост на клубот пред секој натпревар ќе се става храна на три обележани места, за победа, пораз и нерешен резултат. Кокошките своите прогнози ќе ги прават во зависност од тоа од кое поле ќе ја изберат храната.

Новиот рецепт за успех на екипата на Фулам беше успешен во минатото коло и откако кокошките ја изедоа пченката која беше ставена во полето на Фулам, тие го победија Стоук со 1:0. Следната задача за кокошките ќе биде прогноза за утрешниот меч против Сандерленд.

Инаку популарните кокошки живеат во специјална фарма во тренинг центарот на клубот и снесуваат јајца за потребите на фудбалерите кои јадат по 90 неделно. Откако раководството на тимот пресмета дека трошокот за купување јајца изнесува 5000 фунти месечно, одлучи да купи 12 кокошки за намалување на трошоците.

Традицијата со типување на животните стана популарна откако октоподот Пол успеа да погоди 8 натпревари на Светското фудбалско првенство во Јужна Африка. Славниот Пол беше најголема ѕвезда на Мундијалот во 2010 година, но почина во октомври истата година.

2 март 2013 - 12:13