Кастељанос го матираше Андреј Лунин во 12-та, во 24-та, во 46-та и во 62-ра минута.
Тати Кастељанос е прв играч по 76 години кој му даде 4 гола на Реал во Ла Лига
Реал Мадрид играше без Бензема и стрелци на головите за „кралскиот клуб“ беа Винисиус и Васкез. Жирона која е близу Барселона на овој начин уште повеќе ги доближи соседите до титулата.
„Вечер од соништата. Игравме против едни од најдобрите и јас никогаш не сум замислил вакво нешто. Да му дадеш гол на Реал е сон, а да им постигнеш четири тоа не сум ни помислувал. Многу сум среќен што победивме. Среќен сум за сите, за навивачите, за соиграчите“, во транс изјавил после мечот Кастељанос.
Жирона е најнезгоден ривал на Реал во Ла Лига. Од шест меча, Каталонците победиле дури 3, еднаш играле нерешено. Ваков процент на победи нема ниту еден еден друг тим во Шпанија. На шест меча со Реал, Жирона дала 13 гола, а толку погодоци на толку средби никој не му забил на клубот од Мадрид.
КАСТЕЉАНОС РАСТЕЛ ВО СТРУКТРУАТА НА СИТИ (УРУГВАЈ - САД - ШПАНИЈА), РАСТУРАЛ ВО МЛС
Валентин Кастељанос е 24 годишен аргентински центрфор. Во Жирона дојде минатото лето од Њујорк Сити како позајмен играч. Интересно, тој не давал многу голови пред мечот од соништата со Реал. Сезонава има 7 гола и 1 асистенција на 28 средби.
Висок е 178 сантиметри. Поради тоа многу пати го одбивале на проби во аргентинските академии. На 14 години не го примиле во Ривер Плејт, а во Ланус сметале дека им треба поголем, поснажен центарфор.
„Ми кажаа дека сум мал и слаб, дека не можам да играм. Тоа беше многу болно за едно 14-годишно дете. Се вратив во родната Мендоза, побарав пари од мајка ми за тренирање во вежбална и почнав да вежбам. Сакав да пораснам и да станам посилен“, раскажува Тати.
ДОШОЛ ВО ПРОФЕСИОНАЛЕН ФУДБАЛ ПРЕКУ ФАМОЗНАТА CITY GROUP
Во аргентинската лига, Кастељанос не одиграл ни еден натпревар. Отишол во Чиле, а потоа во Уругвај каде завршил во Монтевидео Сити Торке, клуб член на групацијата која го води Манчестер Сити.
Тоа му бил судбоносен чекор. Од тогаш Валентин имал патешествие по клубовите од системот на City Group на чиј врв стои Манчестер Сити.
Во американската МЛС дошол да игра во дресот на Њујорк Сити. Таму за четири години израснал во еден од најдобрите напаѓачи во лигата. Во 2021-ва година бил најдобар стрелец на МЛС лигата, а после давал голови на секој натпревар од плејофот во САД. Бил стрелец и во победничкото финале за титула.
Му се допаднала лигата. „На нашите натпревари доаѓаат по 35.000 луѓе. Фудбалот во САД продолжува да расте и фудбалската култура се менува. Американците постепено почнуваат да се однесуваат со поголема страст кон фудбалот. Ја чувствуваат играта и ја менуваат атмосферата на теренот. Тоа веќе не е лига на пензионери, полна е со млади играчи и за многу стана трамполина“, рекол во една прилика.
Минатото лето веќе било очигледно дека Кастељанос ја надраснал МЛС, па затоа City Group го пратиле на позајмица во шпанска Жирона. Статистиката во САД му била импресивна: 59 гола и 24 асистенции на 134 натпревари за четири години.
МНОГУ САКА ДА ДАВА ГОЛОВИ СО РЕАЛ
Интересно, покерот против Реал Мадрид му е втор во кариерата против клуб со име Реал. Првиот му бил во април 2022-ра кога дал 4 на меч со Реал Солт Лејк.
Во 2021-ва година имало гласини дека може да заврши во Манчестер Сити. За тоа го прашувале и Пеп Гвардиола кој дал позитивна оцена за аргентинскиот шпиц.
„Тоа момче скоро ќе дојде во Европа, ќе направи чекор напред во кариерата. Јас и сам го видов како игра и нашиот скаутски оддел ни раскажа за него. Точно е спремен за следен чекор, но ќе видиме каде“.
Тати Кастељанос признал дека има огромна желба да игра кај Гвардиола.
„Кога за тебе зборува самиот Гвардиола, тоа е огромна чест. Неговите зборови ме мотивираат да созревам и да станам подобаср. Сакам да ги оправдам неговите зборови.
Со него се сретнав и лично: одеше во соблекувална кога го победивме Синсинати 5:2, а на тој меч јас имав две асистенции. Се ракувавме, помуабетивме, не поздрави. И се фотографирав со него пред заедничкиот ручек“.
После сензационалната вест дека му дал четири гола на Реал Мадрид, големи се шансите тој да направи поголем трансфер. Но најреално е на уште една сезона да остане во Жирона. Или да прејде во Брајтон кој го барал уште во јануари.
ПРАКТИКУВА ИСТОЧНИ ТРАДИЦИОНАЛНИ ВЕЖБИ
Кастељанос пред натпреварите слушал медитативна музика. Практикувал и реики, вид јапонска медицина, вид „исцелување преку допири на дланките“. Во тоа му помага мајка му која што често работела реики. А пред натпреварите тој сам ја практикувал оваа јапонска вештина.
Во 2021-ва година ја добил „Златната копачка“ за најдобар стрелец во МЛС а наградата му ја врачила мајка му.
Интересно на почетокот на април, во 55-та минута од дуелот Барселона - Жирона, Тати Кастељанос имаше неверојатна шанса кога излезе сам пред голманот Тер Штеген но шутираше покрај голот за што доби огромни критики по социјалните мрежи. Но веќе на следниот меч со Елче прослави убав гол.
Сега по чудесните четири против Реал, тој е на висока цена во Европа.