Ќе симнеш две кила и ќе дадеш 25 гола

Кој е фудбалерот кој ќе игра место Бензема и Гамеиро?

Изјавата на Марион Ле Пен, внука од сестра на Марин Ле Пен (Национален Фронт) дека Бензема плука по земјата во која се родил и која му овозможила да стане мулти-милионер дополнително фрли бензин на оганот во Франција пред ЕП.

Француската репрезентација е толку силна што селекторот Дидие Дешамп си приушти да не ги вика Кевин Гамеиро, Александар Лаказет и Карим Бензема, тројца напаѓачи кои постигнаа вкупно 80 голови сезонава. 
 
Затоа Дешамп го викна Андре-Пјер Жињак, 30-годишен напаѓач од првенството на Мексико(!), кој никогаш не играл во топ клубови. Жињак во Франција долго време го сметаа за талент. Даваше многу голови во провинцискиот Тулуз, а потоа за 17 милиони евра премина во Марсеј каде го обвинуваа за непрофесионално однесување. Напаѓачот имаше проблеми со вишокот килограми, песната Биг Мек за Жињак стана позната а самиот играч призна дека на аеродромот не можел да го одмине Мекдоналдс или некој киоск со ќебапи.
 
Марсеј се обидуваше да се отараси од напаѓачот, но не се договорија со никој поради неговата висока плата. Меѓутоа во третата сезона Жињак почна одново да решета, а кога тренер на Марсеј стана Марсело Биелса, напаѓачот стана еден од најдобрите играчи во првенството.

Аргентинецот пред почетокот на сезоната 2014-15 му рекол на Жињак: „Симни два килограми и ќе дадеш 25 гола“. Тој симнал четири и дал 21 гол во првенството, подобар учинок имал и од Златан. Кога влезе во врвна форма, Марсеј започна режим на штедење. На Жињак му заврши договорот, а клубот не сакаше да му плаќа колку што му плаќал.
 
Тогаш за него се заинтересирал Динамо Москва каде играл неговиот соиграч од Марсеј и Франција Матје Валбуена кој го викал во Русија. Клубот наводно бил спремен да му плаќа 300.000 евра месечно. Во еден момент Жињак неочекувано замина во шампионатот на Мексико.

Но понудата од четири милиони по година дава одговор зошто се решил на таков потег.

Кога стигнал на аеродромот, го пречекала толпа навивачи на Тигрес. Мексиканскиот шампионат важи за еден од најсилните во КОНКАКАФ зоната. Во МЛС има многу европски суперѕвезди, но во Мексико одлично се плаќаат најдобрите играчи кои решаваат да останат во оваа земја.

Така на пример Јирген Дам, 23-годишен Мексиканец ја одбил Рома за да од Пачука премине во Тигрес. Дам, кој има германско потекло по баба важи за вториот најбрз играч со топка на светот после Герет Бејл. Дам трча 35,23 километри на час со топка.

Културата на легионери во мексиканскиот фудбал не е од сега. Таму по стари играчки денови играше и Пеп Гвардиола.

Французинот даде 30 голови за Тигрес во првата сезона, а екипата ја освои титулата во зимскиот дел од првенството (во Мексико, како и во Аргентина се играат две првенства во една година), а Жињак беше меѓу најзаслужните што тимот стигна до финалето на Копа Либертадорес.

Мексиканската лига во Европа не се гледа, но головите на Жињак брзо станаа хајлајтс на нашиот континент: Страшниот гол против Тихуана:

Ножички против Чиапас:

Уште еден царски гол во мрежата на Америка:

Во првата сезона стана МВП на лигата кога изјави: „Не беше лоша одлуката да играм 10.000 километри од Франција". Од страна изгледа дека Жињак во Мексико дошол само за пари, меѓутоа не е така. Во Монтереј му се родил синот кој ќе добие мексикански пасош и државјанство. Кога Жињак даде гол минатата есен против Германија на пријателската (за време на терористичките напади) го прослави голот со гест пукање во воздух со рацете како што прават навивачите на Тигрес. После мечот го обвинуваа за бесчуствителност поради тоа што не размислувал за жртвите од нападите.

Во Франција се зборувало дека трансферот во Мексико значи и крај на репрезентативната кариера на Жињак. Но згрешија. Дидие Дешамп го забележал напредокот во играта на напаѓачот и го викна во составот за Европското. Голот против Русија на пријателската го убеди Дешамп да го викне.

Ако не ја знаете историјата на односите меѓу Дешамп и Жињак, појавата на напаѓачот во репрезентацијата е уште поневеројатна. Тие двајца жестоко се скарале кога Дидие беше тренер на Марсеј и еднаш не го ставил во составот за меч од Лигата на шампионите. Напаѓачот фрлил со флаша вода во ѕид , го навредил Дешамп и одбил да му се извини.

Утредента Л'Екип објави дека Жињак во лице му изразил незадоволство на Дешамп од односот на тренинзите, од методите на тренинзи и непознавањето на тактиката. Дешамп изјавил дека фудбалерот му се обраќал на „ти", а Жињак возвратил дека тренерот е тој што треба да му се обраќа со „вие".

„Освен тие 10 минути во соблекувалната на Марсеј, никогаш немавме никакви проблеми. Тој е чесен човек кој сам ги носи своите одлуки во репрезентацијата и во клубот. Го докажа тоа кога ми се понуди да се врати во репрезентацијата. Имаме одличен однос", изјавил неодамна Дешамп.

Франција сега ќе има само два класични центарфори. Дешамп се надева дека Гризман и Марсијал ќе можат да играат во шпицот на нападот. Гамеиро и Лаказет не се викнати, а Бензема го обвини селекторот дека им удоволувал на тренерите расисти).

Како и да било, Франција постигна доста голови на пријателските и одбраната која загуби неколку клучни играчи е попроблематична. Главен напаѓач на Франција на Еврото ќе биде Оливие Жиру - не баш најпопуларен меѓуи љубителите на фудбалот. Навивачите на Франција го свиреа секој негов контакт со топката на последниот меч против Камерун. Дешамп сигурно нема да може да се потпре само на него, така што тоа ќе биде шанса за играчот од мексиканското првенство да се прослави.