Солскјер беше максимално блиску до отказ поради бледите резултати на екипата во последно време.
По голот на хрватскиот репрезентативец Марио Пашалиќ за 0-1, во 28’ минута турскиот снажен стопер Демирел со глава зголеми на 0-2.
Ова значеше дека:
- Ман. Јунајтед првпат во историјата губеше на полувреме со два гола негатива на домашен меч во Лига на шампиони
- „Црвените ѓаволи“ примија гол на 9-ти меч по ред, а ако се гледаат само домашните натпревари на „Олд Трафорд“ тоа се 12 натпревари по ред со примен гол. Ова е најпоразителна серија на клубот уште од февруари 1964-та година. Тогаш на 13 меча по ред примале гол.
- Манчестер ги прими најбрзите 0:2 дома во Лига на шампиони уште од октомври 2012 година. Тогаш, пред точно 9 години англиската екипа после 20 минути игра прими два од португалска Брага, но намали на 1-2 во 25’ минута преку Чичарито Ернандез а до крајот на мечот славеше со 3:2.
Синоќа ретко кој на полувреме можеше да претпостави дека Јунајтед ќе направи кам-бек. Прво гостите ги отвори Маркус Рашфорд кој го постигна 300. јубилеен гол на екипата откако Солскјер е менаџер. Интересно, и првиот гол при Норвежанецот на Јунајтед го даде токму Рашфорд.
Во 75’ минута Мегваер сосема неочекувано остана сам на втора статива и од една чудна шанса распали од прва за 2:2. Со овој гол капитенот на Јунајтед делумно се извади за катастрофалното издание против Лестер минатиот викенд кога беше непосредно крив за сите четири гола на „лисиците“.
Пред мечот со Аталанта кој го реши Кристијано Роналдо со супер гол со глава во 81’ минута за 3:2, Манчестер Јунајтед имаше само една победа на пет меча. Единствено го совладаа Виљареал 2:1 во Лига на шампиони и тогаш со гол во длабоко судиско продолжение, Роналдо во 90+4’ минута го спаси Солскјер.
Португалецот го одигра јубилејниот 300. меч за Јунајтед и постигнуваше гол на сите три меча во Лига на шампиони. Кристијано Роналдо обнови неколку рекорди:
- Постигна погодок против 38-ма различна екипа во Лига на шампиони. Меси се радувал на гол против 37 различни клубови;
- Роналдо го постигна својот 137. гол во Лига на шампиони. Меси е зад него со 123 погодоци;
- Го урна рекордот на Икер Касиљас во еврокуповите. Роналдо е лидер со 187 меча во најдобрите европски клупски турнири.
Неговиот сонародник Бруно Фернандеш намести асистенција за гол на 4 меч по ред. Манчестер направи кам-бек но екипата под Солскјер тешко стигнува до бодови и се зборува за криза. Последен пат Јунајтед победил со повеќе од гол разлика на 11 септември.
А пред нив е неверојатен распоред: Ливерпул, Тотенхем, Манчестер Сити, Челси и Арсенал во Премиер лига, плус два меча во Лига на шампиони од кои и гостување во Бергамо кај Аталанта.
„Секогаш кога почнуваш да мислиш дека Солскјер нема никакви шанси, он со некое чудо успева да се извлече“, вели Гери Линекер за Норвежанецот.