Кои се новите ѕвезди на европскиот фудбал?

Што имаат заедничко Мата, Хунтелар, Лампард, Чех, Пирло, Канаваро, Фиго, Шукер...? Тоа се само дел од фудбалерите кои се истакнаа на Европските првенства за играчи до 21 година, а денес во Израел започнува 19-то издание на натпреварувањето од кое ќе ги добиеме нивните наследници.

Англиската Премиер лига, шпанската Примера, германската Бундеслига и италијанската Серија А ќе имаат свои претставници на Европското првенство за фудбалери до 21 година кое денес започнува во Израел. Освен репрезентациите од овие земји, на првенството кое ќе заврши со финалето во Ерусалим на 18 јуни, ќе учествуваат уште и домаќинот, Холандија, Норвешка и Русија.

Според сите предвидувања, најголем фаворит повторно е актуелниот освојувач Шпанија. Со голманот Де Хеа, како и Алкантара, Иско, Муниаин, Иљараменди, Каналес, Тељо, Карвахал... Шпанците ќе атакуваат на својата 4-та круна.

Шпанците се главни фаворити и според кладилниците и коефициентот за нивниот триумф е 2,75. Втори фаворити со коефициент 5 се Германците.

Следат Италија и Холандија со 6, коефициентот на Англија е 7, Израел има коефициент 21, Русија 29, а најголеми аутсајдери се Норвешаните со коефициент 41.

Кој ќе блесне?

Вилфред Заха - Англија

Членот на Манчестер Јунајтед како позајмен фудбалер во Кристал Палас го предводеше овој тим до пласман во Премиер лигата, а се избори и за место во сениорската репрезентација на Англија. Во јануари потпиша за Манчестер Јунајтед за 15 милиони фунти и на ова првенство ќе докаже дека оваа инвестиција на Фергусон навистина вреди.

Иско - Шпанија

Многумина предвидуваат дека Иско ќе стане голема светска фудбалска ѕвезда, а најдобриот млад фудбалер во Европа за 2012-та година најверојатно ќе го следи Пелегрини и ќе потпише за Манчестер Сити.

Луис Холтби - Германија

Целата игра на германската репрезентација се основа на капитенот Холтби кој диригира од средниот ред. Тој се уште треба да се докажува во Тотенхем, но со 5 гола и 5 асистенции тој беше клучен играч за младинската репрезентација во квалификациите.

Лоренцо Инсиње - Италија

Малиот (163 сантиметри) напаѓач растураше во Серија Б како позајмен фудбалер во Пескара, па Наполи си го врати во своите редови каде оваа сезона беше достојна замена за Лавеци, а дебитираше и за сениорската репрезентација на Италија.

Кевин Стротман - Холандија

Стротман веќе две години е стандарден член на сениорската репрезентација на Холандија и доминира во средниот ред. Тој е најдобриот фудбалер на ПСВ и до крајот на Европското првенство можеби веќе и ќе има потпишано за Манчестер Јунајтед.

Алан Ѕагоев - Русија

Еден од најдобрите стрелци на Европското првенство во Полска и Украина ќе биде главната фигура во младинската репрезентација на Русија.