Кога Зидан ќе ти пушти муабет дека можеш да бидеш најдобар

Лука Модриќ ја прекина доминацијата на Меси и Роналдо. Заслужено бидејќи игра во еден од најголемите клубови во светот, се докажа во таа средина, а во него верувал и еден од најдобрите играчи од среден ред на сите времиња, кој испиша историја како тренер на Реал.

Кој знае колку е убаво и фасцинантно, да се родиш на Балканот, да заиграш во Реал и еден ден од сите тие ѕвезди таму, токму тебе да те викне тренерот на страна и да ти го направи следниов муабет:

„Ти ќе ми бидеш клучен играч во тим и мислам дека можеш да ја освоиш Златната топка“.

Ова е разговорот кој Зинедин Зидан му го направил на Лука Модриќ откако го презел кормилото на Реал Мадрид. Тоа го потврди самиот Лука на синоќешната церемонија во Париз.

„Кога ги изброив сите индивидуални трофеи кои ги освоив годинава и кога видов дека сум меѓу 30-те финалисти, почнав да верувам, но има една работа која никогаш нема да ја заборавам. Кога Зидан стана тренер на Реал во јануари 2016-та, после еден тренинг ме викна во канцеларија, ми кажа што смета и што очекува од мене.

Ми рече дека јас сум важен играч за него и дека ме гледа како играч кој може да ја освои Златната топка. Кога некој како Зидан ќе ти го каже тоа, само ти ја зголемува довербата.

Му се восхитував и го почитував како играч, а тој ме сметаме како него, тивок и малку срамежлив. Очекуваше повеќе да се истакнам да терен, едноставно да се отворам. Јас му требав како клучен дел од тимот во ера кога навистина игравме добро.

Овие зборови на Зидан ми помогнаа да одам напред со играта“.

Понатаму се ви е познато. За две и пол сезони заедно освоија 9 трофеи од кои 3 по ред во Лига на шампиони, а Лука Модриќ успеа да стане прв играч кој во една година ги обедини сите четири најпрестижни индивидуални признанија.

4 декември 2018 - 12:04