Кога соблекувалните ќе станат ринг

Претседателот на ПСЖ, Ал Келаифи побара доживотна забрана за настап на Брандао, фудбалерот на Бастија кој викендов намерно со глава му го скрши носот на Тијаго Мота.

Фудбалската игра често знае да биде расипана од насилници кои продолжуваат со трето полувреме во соблекувалните и делат клоци и боксови. Некои наши портали пишуваа дека така било викендов и во Штип, каде фудбалерите на Брегалница ги нападнале играчите на Вардар.

Од архивите составивме 5 познати вакви случки, заедно со инцидентот во кој викендов дебел крај извлече Тијаго Мота. Скоро секаде страдале носевите.

 ЖОРЖ ВЕА (20 ноември, 1996) 

Можеби единствената дамка во одличната кариера на либерискиот ас се случи во 1996. година, кога на натпревар од шампионската лига Милан му гостуваше на Порто.

Веа не можел да ги истрпи навредите од дефанзивецот на Порто, Хорхе Коста кој постојано го провоцирал напаѓачот на Милан, па откако мирно го сочекал крајот на натпреварот, во соблекувалните му дал глава и му го скршил носот.

Веа беше казнет со шест натпревари неиграње, а Милан без него ѝ кажа збогум на лигата на шампионите во последното коло.

 МАРКО МАТЕРАЦИ (1 февруари, 2004)

Малку е познат случајот по мечот Интер – Сиена во италијанското првенство. Од овој дуел почнала историјата скандали на дефанзивецот на Интер.

За време на натпреварот, Матераци константно го провоцирал Бруно Чирило, кој подоцна заигра и за „нероаѕурите“.

Некогашниот дефанзивец на Перуџа, а подоцна италијански репрезентативец најпрвин правел шеги на сметка на Чирило преку соиграчот Кили Гонзалес кого го прашувал „Од каде е ова дрво“?

Чирило не останал имун на прозивките, па му вратил на Матераци, кој подоцна во соблекувалните го удрил со глава исто онака како што Зидан ќе го патосира две години подоцна во Берлин.

По настанот со Чирило, Матераци заработил долга суспензија.

 Дивиот запад на Местаља (6 март, 2007)

Во натпревар каков што Лигата на шампионите нема запаметено (по лошо), на „Местаља“ се водеше вистинска војна меѓу Валенсија и Интер.

Осминафиналниот дуел помеѓу овие два тима донесе неколку посериозни повреди, од која најнезгодна беше онаа на Николас Бурдисо.

По голем број жолти и црвени картони, остри фаули и вистинска војна на теренот, дефанзивецот на Валенсија, Давид Наваро по судискиот свиреж за крај на мечот, се провлекол до соблекувалната на гостите и со глава му го скршил носот на Аргентинецот.

По изјава на сведоците од настанот, Круз, Кордоба и Ибрахимовиќ веднаш тргнале да го најдат Наваро кој експресно го напуштил стадионот, а триото на Интер едвај се смирило за да не направи поголема беља.

Битката на Буфе (24 октомври, 2004)

 

Натпреварите меѓу Манчестер Јунајтед и Арсенал во новиот Милениум важат за дуели од висок ризик, а нивниот ривалитет кулминираше на 24 октомври 2004. година, кога Јунајтед славеше 2-0 на „Олд Трафорд“.

Освен грубите стартови и непријателски расположената публика, Арсенал наиде и на сомнителен пенал по симулација на Алан Смит. Ван Нистелрој тогаш промаши пенал, а битката продолжила и по натпреварот.

Во целиот случај бил вмешан Сер Алекс Фергусон, кој по еден метеж во ходникот добил пица во лицето. Момците задолжени за кетеринг тогаш изјавиле дека Цеск Фабрегас го сторил тоа.

Овој натпревар си доби свое место и на Википедија, под името „Битката на Буфе“.

 Брандао (16 август, 2014)

Случајот кој ја крена на нозе фудбалска Франција се случи минатиот викенд, кога по средбата од Лига 1 меѓу ПСЖ и Бастија, Бразилецот Брандао кукавички му пријде на Тијаго Мота и со силен удар му урди глава во нос.

Сопственикот на ПСЖ, Ал Келаифи бурно реагираше по целата случка и побара на високиот напаѓач на Бастија да не му биде повеќе дозволено да заигра фудбал.

За висока казна се заложија и многу други фудбалери, а во заштита на својот играч застана Бастија која излезе со соопштение дека Брандао бил провоциран за време на целиот натпревар.

На ред е дисциплинската комисија на француската фудбалска федерација која треба да ја одреди суспензијата за Брандао.

19 август 2014 - 11:11