Евертон 2014/2015
Евертон уште не е испаднат, но „Карамелите“ се опасно близу до зоната за испаѓање од Премиер лигата, на само шест бодови од позицијата која носи во Чемпионшип. Помислата на тоа нè навраќа во далечната 1974. година, кога Манчестер Јунајтед испадна од Премиер, само шест години по освојувањето на КЕШ со Сер Мет Базби.
Евертон неодамна се пласираше во осминафиналето од Лигата на Европа, но би можел да испадне од лигата. Од потешките дуели до крајот, тимот на Мартинез ќе игра против Саутемптон, КПР и Манчестер Јунајтед. Фил Јагелка, Ромелу Лукаку и Тим Хауард играа на СП во Бразил и сите заедно сметаат дека Евертон е „премногу добар“ за да испадне.
Атлетико Мадрид 1990/2000
Само четири години по освојувањето на деветтата титула во Примера, Атлетик испадна во 2000. година. Клубот западна во финансиски проблеми, претседателот Жесус Жил беше суспендиран, а тренерот Клаудио Раниери си замина на сред сезона.
Иако го имаа Џими Флојд Хаселбанк во составот, „јорганџиите“ испаднаа во Сегунда, а потоа загубија и во финалето на Копа дел Реј од Еспањол.
Лидс Јунајтед 2003/2004
Во 2001. година, Лидс Јунајтед стигна до полуфиналето на ЛШ, каде загуби од Валенсија. Три години подоцна испадна од првата лига. Претседателот Питер Рисдејл играше на сè или ништо и малку фалеше Лидс да го снема од мапата. Испаднаа и од Чемпионшип пред да се вратат во дивизијата во 2010. година.
Вест Хем 2002/2003
И покрај тоа што во составот ги имаа Рио Фердинанд, Мајкл Карик, Џермејн Дефо, Џо Кол, Глен Џонсон, Дејвид Џејмс, Паоло Ди Канио и Фреди Кануте, „чеканите“ не можеа да спречат испаѓање во 2003. година. Ја завршија сезоната со 42 бода, но испаднаа под водство на тренерот Тревор Брукинг.
Кајзерслаутерн 1995/1996
Шампион во сезоната 90/91, Кајзерслаутерн испадна од Бундеслигата пет години подоцна. За чудото да биде поголемо, Кајзер изгуби 10 натпревари, колку што загуби и второпласираниот Баерн Минхен таа сезона, но Кајзерслаутерн имаше дури 18 нерешени средби. Разочарувањето малку го спречи освојувањето на германскиот куп на една недела пред испаѓањето.
Ривер Плејт 2010/2011
Гигантот од Буенос Аирес во 110-годишната историја никогаш не играше во втората аргентинска лига, сè до 2011-та година. Најтрофејниот клуб во земјата, со 36 титули се соочи со тешка финансиска криза и клубот предводен од Ерик Ламела и Роберто Переира загуби 3-1 од Белграно и испадна во Национал Б.
Јувентус 2005/2006
Старата дама не испадна поради лошите резултати, туку поради скандалот за наместени натпревари, поради кои доживотно беше суспендиран легендарниот Лучано Моџи. Јувентус таа сезона ги имаше Буфон, Виера, Дел Пиеро и Златан Ибрахимовиќ, но мораше да игра во Серија Б.
Коринтијанс 2007
Клубот од Сао Пауло ја освои четвртата титула во бразилското првенство во 2005. година, но по заминувањето на Карлос Тевез и Хавиер Маскерано испадна две години подоцна. Резултатите беа во склад со финансиската состојба, која беше очајна.