Волфсбург
Поразен само три пати сезонава во германското првенство, Волфсбург е најуспешниот тим после Баерн Минхен во Бундеслигата во 2014/2015. Тимот на Дитер Хекинг досега е единствениот состав што сезонава ги победи Баварците и тоа убедливо со 4:1.
Екипата е составена од талентот Кевин Де Брујне, Андре Ширле, како и центарфорот Бас Дост кој даде 11 голови на 11 натпревари во лигата досега. Последната титула во Бундеслигата, Волфсбург ја освои во 2008/2009, со Џеко и Графите како ударни игли во нападот, а тогаш тренер им беше Феликс Магат.
Волсфбург игра одлично и во ЛЕ, каде синоќа обезбеди пласман во осминафиналето, откако го елиминираше Спортинг Лисабон, а доколку заврши втор на крајот во Бундеслигата, ќе игра Лига на шампиони по долго време.
ФК Днипро Днипропетровск
Днипро е без трофеј во првенството од последниот пехар во 1988. година кога играа во лигата на СССР. Минатата година завршија второпласирани и тоа беше нивниот најдобар финиш во независна Украина.
Под водство на Хуанде Рамос, Днипро тешко стигна до четвртото место во лигата во која беспрекорно доминираат Динамо Киев и Шахтјор Донетцк.
Рамос си замина на крајот од минатата сезона и беше заменет од Мирон Маркјевич. Со Маркјевич, Днипро уште повеќе го зголеми притисокот над Динамо и Шахтјор и сака да ги турне од тронот.
На европскиот фронт, Днипро игра одлична сезона и веќе обезбеди пласман во осмина-финалето, откако со 4:2 го реши двомечот со грчки Олимпијакос.
Мидлсборо ФЦ
Кога сопственикот на Мидлсборо, Стив Гибсон го постави младиот Аитор Каранка за првиот странски тренер во историјата на Боро, во ноември 2013. година, сите гледаа на тоа како голем ризик.
Следната сезона ќе биде 10-годишнина од финалето на Мидлсборо во УЕФА Купот против Севиља. Испаднаа од Премиер лигата во сезоната 2008/2009 и од тој шок на Риверсајд стадионот долго не можеа да се опорават.
Каранка три години му беше помошник на Мурињо во Реал Мадрид, а минатото лето направи големи промени во англиската екипа. Каранка доведе седум нови фудбалери, петмина прати на позајмица а отпушти дури 11 играчи.
Со најдобра одбрана во Чемпионшип сезонава, Боро е на само два бода од првото место и важи за најсериозен кандидат за влез во Премиер лигата годинава. Најголем успех им беше што го елиминираа Манчестер Сити од ФА Купот.
Олимпик Лион
ПСЖ со сите негови богатства сезонава мака мачи со формата на Лион. Олимпик Марсеј и Лион играат одлична сезона и во моментов се први во Лига 1.
Лион игра неверојатно на домашен терен, каде има 12 победи, една нерешена и само еден пораз сезонава. Лионците се јаки и на страна од Стад Жерлан, каде избраниците на Хуберт Фурние загубија само три пати во сезоната.
Во тимот Лион го има најдобриот стрелец во лигата, Александре Лаказет кој даде 21 гол досега и заслужено игра за Франција. Далеку зад него се Андре-Пјер Жињак со 14 и Ибрахимовиќ со 11. Лион не бил шампион на Франција од 2007/2008, но сезонава се близу до трофејот.
Севиља
Унаи Емери ја одведе Севиља до 5. место во Ла Лига во првата сезона како тренер на клубот. Најголемиот успех го постигна лани, кога ја освоија Лигата на Европа.
Иако остана без Алваро Негредо, Хесус Навас, Иван Ракитиќ и Џефри Кондогбија, Севиља сезонава уште нема пораз на домашен терен и добро туркаат во ЛЕ, каде на два пати ја победија Борусија Менхенгладбах.
Карлос Бака, кој дојде во Севиља во летото 2013. година, е прв стрелец на екипата со 14 голови, повеќе од Карим Бензема и Марио Манџукиќ. Голем удел во играта имаат и Гжегож Криховијак кој дојде од Рем минатото лето, како и позајмените Денис Суарез и Жерар Делафеу од Барселона.
Лацио
Лацио одлично ја користи ситуацијата во која Рома е во фокусот на вниманието. Иако не играле ЛШ од сезоната 2007/2008 кога завршија 12-ти, небесно-сините од лани летото фатија залет кој треба да ги врати во Европа.
Лацио лани во август ги доведе Стефан де Врај од Феенорд, Филип Ѓорѓевиќ од Нант и Марко Пароло од Парма.
Две релативно нови лица во екипата се Антонио Кандрева, кој се опорави од тешката повреда и сезонава даде четири голови и 10 асистенции. Најпријатно изненадување е Фелипе Андерсон, кој даде пет важни голови и уште толку асистенции. Капитенот Стефано Маури (35) даде осум голови на 17 средби, иако е играч од средниот ред.
Лацио лани заврши деветти, а годинава целта е третото или четвртото место, позиции кои водат во европските натпреварувања. Главни конкуренти на Лацио им се Фиорентина и Наполи.