Клубот кој го создаде Горан Пандев за младите и брат му

Налетавме на текст за Академија Пандев која 9 години по формирањето на академијата и 5 години откако има прв тим, успеа синоќа да го освои Купот на Македонија. Го објавил португалски сајт пред два месеци со помош на еден од дечките кои го работат macedonianfootball.com.

2010-та беше извонредна за животот на Горан Пандев. Тоа беше трофејна година бидејќи со Интер освои Скудето, Куп на Италија, Супер Куп, ЛШ и Светско клупско првенство. Но не само тоа.

Истата година македонскиот интернационалец создаде нов клуб во својата родна земја кој го носи неговото презиме и кој е блиску до испишување на историја. (Веќе ја испиша)

Академија Пандев почна како проект за тренирање на деца, но подоцна формираше сениорски тим кој мина низ четири дивизии за четири години. Моментално е втор во првата лига, како и на чекор до финалето во Купот.

Градот Струмица кој се наоѓа во близина на границата со Грција и Бугарија е местото каде е роден Горан Пандев. И токму таму, во неговата најсреќна година во кариерата одлучи да создаде клубот.

Тоа не беше план за пензионирање на Горан кој на 35 години игра во Џенова и штотуку стигна до 100 настапи за македонскиот национален тим, туку проект за млади таленти. Освен финансирањето на клубот, тој нема други обврски во Академија Пандев.

„Тој е газда, но нема никаква позиција во клубот и не е инволвиран во менаџментот, само ги дава парите. Уште од самиот почеток стави луѓе од доверба кои ќе управуваат со клубот, за да може тој да се концентрира на кариерата“, објаснува уредникот на macedonianfootball.com, Филип Здравески.

Во оваа група на доверливи луѓе е неговиот четири години помал брат Сашко, кој е дел од тимот.

„Го сметаа за голем талент, па дури имаше и такви кои тврдеа дека ќе оди подалеку од Горан“, вели Здравески.

Влијанието на Академија Пандев врз македонскиот фудбал беше брзо.

„Отворија академии низ цела земја, а тие кои имаат голема мрежа можат да го уловат најдоброто. Во раните години се натпреваруваа само на младински натпреварувања, но во 2014/2015 го лансираа сениорскиот тим во четврта лига.

Иако тимот е комбинација на У-21 и јуниори, лесно се искачуваа во повисок ранг. Потоа ангажираа некои поискусни фудбалери за младите нешто да научат. Но продолжија со половина тим од сопствената академија. Во прва лига дебитираа во сезоната 2017/2018 и единствениот проблем е што клубов е нов, нема историја и традиција која се цени овде“.

Но и покрај тоа, клубот си го создаде својот пат. Во петтата сезона од нивното појавување и втора во првата лига стигнаа до полуфиналето на Купот (Сега веќе освојувачи, како и трети на табела во првенство, позиција која им носи квалификации во Лига Европа).

И додека ги постигнуваат спортските цели, истовремено ги исполнуваат и задачите за кои се создадени. Во јуни 2018-та направија трансфер вреден 600.000 евра. Се работи за Јани Атанасов кој на 17 години играше во прв тим и премина во Бурсаспор.

„Целта на Горан е создавање на клуб кој ќе им дава можност на младите македонски таленти. Тој сака други играчи да го следат неговиот пример. Ако тој останеше во Македонија, никогаш немаше да направи кариера. Првенството е слабо кај нас и младите играчи тука не може да се развијат. Сепак политиката на Академија Пандев не е да продава играчи на прва. Горан не го создаде клубот за да прави пари“, заклучува Здравески

Виа

23 мај 2019 - 13:30