Ќе си платиш 100.000 евра казна за пијаната нова година

Додека неговите колеги објавуваа слики од мирна домашна атмосфера со богата трпеза, Раџа Наинголан за дочекот на новата година лудуваше како тинејџер. Спортскиот директор на Рома се појавил бесен.

По елиминацијата во Купот од Торино, поразот од Јуве и ремито со Сасуоло, во таборот на Рома на почетокот од новата година освен за враќањето на победничкиот менталитет, се држеле предавања и за дисциплина.
 
Причината за тоа е односот на Наинголан кој се пофали на Инстаграм дека се направил дрво пијан за нова година. Спортскиот директор на Рома, Мончи веднаш штом се вратил од Шпанија се појавил во тренинг центарот на клубот во 7:50 наутро и одржал говор во кој бил многу строг.
 
Тој најмногу се задржал на односот на фудбалерите на терен и надвор од него, без да го спомене случајот со Наинголан и им рекол на играчите дека од нив очекува да покажат победнички менталитет.
 
Името на Раџа Наинголан не го спомнал, а веројатно и немало потреба бидејќи клубот одлучил да му ја даде најстрогата парична каза од 100.000 евра.
 
Се работи за кратење на 30% од месечната плата предвидена како максимална за таков вид на однесување. Не дека се малку пари, ама Белгиецот веројатно нема да падне во депресија бидејќи заработува околу 4 милиони евра годишно.
 
Наинголан за нова година пушеше цигари, пиеше алкохол, пцуеше, фрлаше огномет, играше тенис и призна дека е пијан.
4 јануари 2018 - 11:37