Италијаните немаат зимска пауза оваа сезона. Имаа коло ден пред католични Божиќ, ден пред дочек за нова година и веднаш продолжуваат со тренажен процес, бидејќи играат и следниот викенд.
По елиминацијата во Куп од Торино, поразот од Јуве и ремито со Сасуоло, работите во таборот на Рома дополнително ги искомплицира Раџа Наинголан кој сподели со јавноста што правел ноќта на 31-ви.
Борецот од средниот ред на Рома е скроз искрен и на видеото кое го споделил на Инстаграм во еден момент вели „Пијан сум“. Потоа се фали со чашка и цигара во рака, а неколку пати го има и она “тит“ во моментите кога се расфрла со пцуење.
Раџа за нова година се опремил со огномет, а потоа игра тенис.
Откако сфатил дека ја оплескал, следниот ден се извини на трезно.
„Жал ми е за тоа што се случи синоча. Знаете дека ми е убаво кога сум со пријателите и многу сакам да ја прославувам новата година. Но вчера претерав, бидејќи тоа е посебна ноќ во која може да се претера малку. Се разбира дека не сакав да претставувам негативен пример. Поради тоа сакам да се извинам за моите зборови и мојот однос. Секогаш напред Рома“.
Фудбалерите добија слободно време за дочекот, а реакција меѓу навивачите предизвика само Наинголан, бидејќи од другите играчи што споделија на социјалните мрежи што правеле ноќта, немаше испади.
Едни го правдаат и велат дека е еден од најдобрите и го заслужува тоа, плус никогаш не криел како се однесува природно, а други му пишуваат дека остава лоша слика за себе и Рома и дека веднаш ќе го стават на насловните страни во медиумите.
Од клубот за сега нема реакција околу евентуални санкции.
И уште нешто колку за шмек на сторијава. И Балотели му оставил коментар, мислејќи веројатно на тенисот.
„Мене нема да ме победиш“.