Сторија за фудбалскиот пат на Антонио Конте

„Ќе ја пресечеш свадбената торта и назад на тренинг“

Еден од најдобрите тренери на денешницата го паметиме како играч кој играше со рака во гипс, со пукната аркада и како човек кој правдината ја тера до крај па макар му се испречиле и илјада хулигани.

На 12. јуни 2015 Италија ремизираше со Хрватска во квалификациски дуел за Европско. Во 36. минута Манџукиќ со рака го одби ударот со глава на Грациано Пеле и судијата Аткинсон свирна пенал.

Антонио Кандрева го повтори својот трик од мечот на Купот на Конфедерации 2013 со Шпанија, ја копна топката во средина со удар Паненка.

После два дена Италија се спремала за пријателски меч со Португалија во Женева:

-Да позборуваме за твојот шут Паненка?, предложил Конте.
-Да мистер, може, одговорил Кандрева.
-Шутираше така зошто го виде голманот како се движи?
-Не.
-Беше сигурен дека ќе се фрли и нема да остане во место?
-Не, не.
-Па зошто шутираше така?
-Просто така решив во тој момент.
-А знаеше дека ако промашеше ќе те скршев од ќотек? (Кандрева го раскажал дијалогот со Конте во книгата Metodo Conte од новинарот на Sky Sports Алесандро Алчато).

Недела дена претходно Челси понудил 30 милиони за Кандрева, но Интер одбил. Од тој момент Азар заигра како што треба и недоаѓањето на Кандрева како засилување не се почуствува. По голот на Азар против Арсенал Конте се затрча кон навивачите на Челси кои седеа во првиот ред на „Стемфорд Бриџ“, а потоа долго време кривеше - истегна мускул.

 

На „Стад де Франс“ летово гледачите не беа толку близу, па Конте после евроголот на Пеле против Шпанија во осминафинале се пентареше над клупата за резерви за да слави со навивачите.

ФАЈТЕР УШТЕ ОД МАЛИ НОЗЕ

Тој и во детството бил незадржлив. Уште на пет години тргнал во школо, но кој ќе прими толку мало дете? Татко му можел да си приушти да го запише во школо со деца од социјални семејства.

Врсниците на Конте биле постари од него, носеле дури и ножеви, фрлали столчиња од прозор навлекле во школото полициска рација.

На стадионот „Карло Пранцо“ во Лече тренирале четири различни тима. Антонио секогаш носел стар дрес и не бил многу приметен, затоа што оној кој ќе дошол со нов дрес, дома си одел гол.

Една од категориите ги водел Козимо, татко му на Конте поради што Антонио не бил баш најсреќен. Еднаш другар му Сандро Морело ја поплавил цела соблекувална поради што Козмо без размислување го треснал Антонио по лицето.

„Никој не треба да помисли дека те третирам на посебен начин. Што и да се случи, ќе те кривам тебе и точка“, му викал татко му Козимо Конте.

Со истиот тој другар Сандро, Конте дошол во младинците на Лече. Татко му за возврат барал 10 топки и пари, но прифатил осум топки. Две години подоцна, Конте го повредил зглобот на тренинг, а кога брат му го тепале, решил да им се одмазди со тоа што ги плашел и удирал со гипсот на раката.

Во првиот ден од предсезоната 1985-та, Антонио и Сандро се симнале во лобито на хотелот каде бил сместен Лече: Немало никој така што може да играат пинг-понг. Партијата им ја прекинал тренерот Кортизано: „Сте изгубиле памет вие двајца? Сите тренираат саат време“.

Се испоставило дека е девет часот, сите се на терен, а не во холот. Во паника, Конте немал време да облече копачки така што неговиот прв тренинг го изработил бос. „Ова ти е за казна“, му рекол тренерот Фашети. 

За тимот од родниот град Конте дебитирал на 6. април 1986 година на само 16 години, 8 месеци и 13 дена против Пиза.

Во четвртифналето на младинското првенство на Италија против Асколи Конте повторно се повредил. Бекот на Лече Џузепе Лучери му зализгал на противникот но налетал и на Антонио и му ја скршил големата писка од коленото.

Конте носел гипс две недели до полуфиналето со Лацио кога пак заиграл, се удрил со Џампаоло Ѕаурини но продолжил даигра. После 15 минути, Конте го прашал капитенот на Лече: „Колку е резултат? ’0-1 за нив’. -А, добро, добро’, рекол Антонио и после две минути ги слушал лекарите како викале: ’Замена’!

Во болницата му констатирале повреда на главата.

ПРЕМИН КАЈ АДВОКАТОТ ВО ТОРИНО

„Колку голови даде сезонава, мали“? - Џани Ањели, босот на Јувентус го прашал Антонио кој бил на радар на тренерот Трапатони.

До тогаш дал само еден гол, во Неапол и тоа пред две години. Ањели мислел дека новото дете во Јуве е полушпиц. „До сега не сум давал многу шефе, но ќе се поправам“, признал Конте.

На дебито за Јуве против Монако Антонио му вратил една топка на голманот Такони, но Фофана од Монако ја скратил топката и го дал победничкиот гол.

Сезоната ја заврши како што ја почна: На 20 минути пред крајот од финалето на Купот на Италија против Парма влезе во игра наместо Де Агостини. По влегувањето, напаѓачот на Парма Агостини му рекол: ’Мали, носиш ли тик-так’ и го испровоцирал поради што на две минути пред крајот Антонио тешко го фаулираше Томас Бролин и доби директен црвен картон. Јуве тогаш изгуби 2:0.

После две години Агостини играл во Серија Б, а Конте на Светско првенство за Италија.

СТРАСТА ЗА ФУДБАЛОТ ПОГОЛЕМА ОД ПОВРЕДИТЕ

На полуфиналето на ЛШ 96-та Конте се појави со голема модринка на окото - ја добил после лактор на пријателската против Карарезе. Во легендарното финале на ЛШ против Ајакс на две минути до полувремето во дуел со Давидс ја пукна бедрената артерија и имаше крв на сите страни.

Додека сите го славеле триумфот во ЛШ, Антонио го слушал лекарот: ’Толку многу ти шприца крв што ќе мора да те сошијам, да те завиеме и заборави на Европското 1996’.

Истото лето Липи го назначи Конте за капитен на Јувентус, но на октомврискиот меч против Грузија Антонио ги повредил лигаментите на коленото. Докторот Пицети му рекол дека треба операција, раната му се инфицирала и сезоната завршила пеколно за Конте.

ЛУКАВИОТ МОЏИ И НЕСЛАВНИОТ КРАЈ ВО ЛЕЧЕ

Во првото коло од новата сезона Конте дал гол на асистенција на Зидан против својот прв клуб Лече, се вратил во репрезентацијата, но на ЕП 2000 Романецот Хаџи му влегол со две нозе и тешко го повредил: 2 месеци без фудбал.

Полуфиналето со Холандија на тоа Европско, Антонио го гледал со бандажирана нога, но и така бил од корист. Место не го држело, па го советувал Џанлука Песото каде да шутира во пенал серијата.

Во Јувентус Конте набрзо стана резерва, но во финалето на ЛШ 2003 за малку не даде еврогол и погоди пречка. Сакал да го продолжи договорот, но директорот Моџи му понудил многу помалку отколку што е договорено.

„Сè се смени, ова се нашите нови услови. Сакаш земи, сакаш остави“, му рекол лисецот Моџи.

Навреден од односот, Конте решил последната сезона од кариерата да ја посвети на Лече - посебно што таму го викал Панталео Корвино, човекот кој на 13-години го познал талентот на Антонио. Кога веста за трансферот се појавила во весниците, 2.000 тифози дошле во тренинг базата на Лече и протестирале: Никако Конте! И тоа само поради голот кој го дал против родниот клуб во 1997-ма.

После тоа Антонио ја заврши кариерата без да заигра пак за Лече.

ТЕЖОК ТРЕНЕРСКИ ЗАНАЕТ И ЅИРКАЊЕ ТРЕНИНЗИ НА ВАН ГАЛ

После лошиот тренерски старт во Арецо (9 меча без победа и смена со Маурицио Сари), Антонио одлетал со девојка му Елизабета во Холандија: Нешто како одмор, но сепак не - отишол да ја гледа работата на Луј Ван Гал тренерот на АЗ Алкмар.

„Имав среќа што дојдовме на отворен тренинг. Не тргнав поглед од Ван Гал, дури и кога гледаше во стоперицата“, се сеќава Конте во автобиографијата

После тренингот, Конте отишол да се запознае со строгиот Ван гал, но се срамел. Утредента пак дошол во тренинг базата. Овојпат тренингот бил затворе, но Антонио нашол дупка во оградата и пак ѕиркал во Холанѓанецот. Во тој момент некој го потапкал по рамото. ’Да, да, еве, уште пет минути и се тргам’, му одговорил Конте на редарот. После десет минути пак: ’Се колнам, еве се тргам’.

’Вие го шпионирате Ван Гал? Не може да стоите овде, ајде’. -Не, не, јас не сум шпион рекол Антонио на слаб англиски. Јас сум поранешен играч. ’Знам кој си, но не смееш да стоиш овде’ му рекол чуварот и земал автограм од Италијанецот.

ТЕПАЧКА СО НАВИВАЧИТЕ НА ЛЕЧЕ НА ПЛАЖА ВО РОДНИОТ ГРАД

Кога Антонио се вратил во Италија, веднаш му се јавил на директорот на Арецо Пјерони и барал да го прими назад за тренерска работа.

Го примиле, барал од претседателот Манчини, Пјерони да не му се меша во работата и брзо ја поставил формацијата 4-2-4. Остварил седум победи во последните девет кола, но тоа не било доволно Арецо да се спаси од испаѓање од Серија Б.

Затоа пак, Конте го спаси Бари кој за шест месеци се искачи на средина на табелата. Во едно од последните кола, Конте се сретнал со својот Лече, го победил и го пратил во баражот за Серија А.

Антонио летото одморал на плажа со сопругата и ќерката. Еднаш го забележале навивачите на Лече и му викале: ’Копиле едно, го победи родниот клуб? Уште и се радуваше кога ни даде гол со Јувентус. Ќе те распарчиме копиле’.

Го нападнале физички пред ќерка му и среќа што полицијата дошла на време. Една година подоцна Лече заврши последен во Серија А и испадна а Конте пет часа минал во канцелариајта на генералниот директор на Јувентус Жан-Клод Блан.

НИШТО ОД ЈУВЕНТУС, ЧИРО МУ ЈА УКРАДЕ РАБОТАТА

„Преферирам агресивен, забавен, машки фудбал во формација 4-2-4“, резимирал Конте а спортскиот директор Алесио Секо му рекол: “Им остави добар впечаток. Чувствувам дека ќе бидеш нов тренер на Јувентус“.

Антонио се вратил во Бари, го донел тимот до првото место, а потоа Секо организирал нова средба и објавил: ’Јуве го купи Диего од Вердер Бремен, а Конте рекол дека нема да му одговара во шемата 4-3-1-2, поради што тренер на „Старата дама“ стана Чиро Ферара.

Во исто време се замерил со сопственикот на Бари Матарезе од кого барал да му купи четврти напаѓач во екипата а овој му рекол: ’Тројца не ти се доволни, а ти со цел памет во Серија А сакаш да играш во формација 4-2-4?’ Набрзо Конте ја изгубил работата.

АВАНТУРАТА ВО БЕРГАМО И ПОКАЖУВАЊЕ ЦВРСТ КАРАКТЕР СО ХУЛИГАНИТЕ

Една вечер му заѕвонил Алесандро Руџери, 22-годишниот претседател на Аталана кој го заменувал својот татко Иван кој паднал во кома поради излив во мозокот.

Антонио прифатил и во Бергамо имал 3 нерешени, 2 победи а потоа загубил во Ливорно. Четири минути после единствениот гол на мечот против Ливорно го извадил од игра капитенот Кристијано Дони, икона на Бергамо.

Дони излегол и иронично му аплаудирал: ’Многу добра измена, браво’ а по мечот ја скршил вратата во соблекувалната. По неколку часа Дони отишол кај Конте: „Мислиш дека ти се плашам? -Да не мислиш дека јас ти се плашам?’, му вратил Конте. ’Добро играв, зошто ме смени? -Јас одлучувам кој ќе игра и кој ќе ме сака“.

Наскоро капитенот Дони се сретнал со Алесандро Руџери, а после два месеци по домашниот пораз од Наполи Конте зборувал со претседателот за трансферите. „Не Антонио, не можеме да го продадеме Дони, навивачите нема да ни простат, ќе има немири“, рекол Руџер. Тогаш дошол спортскиот директор Ости и рекол: ’Навивачите сакаат да зборуваат со Конте’.

Темпераментиот Антонио излегол пред народот да се објасни, но слушнал навреди на сметка на семејството па се вратил во соблекувалната и му се јавил на Руџер: ’Заминувам’.

СУДБИНСКА СРЕДБА СО АЊЕЛИ ОБЛЕЧЕН ВО ФАРМЕРКИ

Во Јувентус Конте стигнал сам - по советите на својот колега и поранешен тренер на Емполи, Силвио Балдини: „Јави му се на Андреа Ањели (претседател на Јувентус). Ќе му кажеш дека сакаш да се видите и да зборувате“.

Конте направил така. Му се јавил, се договориле да се видат на 1. мај после мечот со Новара (Конте тогаш беше тренер на Сиена во Серија Б). Антонио цела недела мислел што да носи на состанокот.

На крајот одбрал фармерки, џемпер и јанка. Имал среќа што Ањели го викнал во домот и тој бил облечен во фармерки и бела маичка. „Без навреди, но Јуве во последните сезони игра провинциски фудбал. Противниците треба да се плашат пред да излезат на терен, како кога јас првпат дојдов со Лече во Торино. Јуве мора да игра своја игра“, му рекол Конте на Андреа.

После неколку часа импресионираниот Ањели му рекол: „Но сега мора да разговараме со Марота, директорот на клубот“. Цела недела завладеала тишина и не му се јавувале.

Со легендарниот Џовани Трапатони

Во книгата „Глава, срце и нозе“ Конте се сеќава кога му заѕвонил телефонот а тој се надевал дека е Марота затоа што веќе бил 9. мај а Јуве ремизирал дома со Киево.

„Состојбата на Јуве не е толку трагична. Клубот може да се врати на врвот“, скептик бил Марота а Антонио му одговорил: “Да, јас сум млад тренер, но за три сезони два пати ја освојував Серија Б“.

Набрзо се договориле и Конте стана тренер на Јувентус. На првиот тренинг им рекол на играчите: „Две години по ред завршувате седми. Тоа е срање“.

Првата сезона во Јуве Конте ја заврши со рекордни 102 бода и Скудето. Јуве беше прв после цели 5 години. И не само тоа, Антонио го издигна гигантот кој со него освои 3 Скудета и 2 Супер Купа на Италија. Се разделија пријателски иако позадината беше во конфликтот со Бепе Марота кој му ветил дека нема да ги продаде Погба и Видал, а од друга страна сакал во клубот да ги донесе Мората и Итурбе кои Конте не ги барал.

ОДМОР НА ЈАХТА НА ХРВАТСКОТО ПРИМОРЈЕ И ТОРТАТА НА ДЕСТРО

Додека уживал на Јадранот, на мобилниот му се јавил главниот човек на италијанската фудбалска федерација Карло Тавекио. На почеток Тавекио сакал селектор да стане Гвидолин или Ѕакерони, но Конте со успесите во Јувентус стана главен кандидат.

Поранешниот селектор Прандели имал плата од пола милион евра, поранешниот координатор Саки заработувал 50.000 евра, а на крајот се договориле федерацијата да привлече четири спонзори кои ќе ги имаат правата на Конте за рекламите и за тоа добиле 2 милиони евра за да му исплатат плата.

Еден од спонзорите била Puma која што сакала токму Конте да стане нов италијански селектор.

Пре дебито како селектор против Холандија во Бари, Конте имал необичен проблем: мечот се играл на 4. септември а напаѓачот Матиа Дестро закажал свадба на 1. септември.

„На почеток барав од него да се врати во базата веднаш откако ќе ја пресече свадбената торта, а потоа решив дека е фер да им дадам со невестата уште неколку часа. Но во 9 часот беше должен да се врати на тренинг, по можност во опрема“, „мртов-сериозен“ изјави Конте.

На два меча за репрезентацијата, против Холандија и Норвешка, Дестро одигра вкупно 24 минути.