Пини Захави го споменавме и во вчерашниот текст за Партизан, а во овој повторно во главна улога е неговиот Инвестициски фонд преку кој поседува права на фудбалери, ги купува симболично, а од нив потоа прави скапи трансфери.
Израелецот важи за голем играч во фудбалот и го сметаат за еден од највлијателните и најмоќните менаџери. Во изминативе 20 години посредувал во трансферите на Дрогба, Ешли Кол и Петр Чех во Челси, Верон во Интер, Јап Стам и Рио Фердинанд во Манчестер Јунајтед и многу други ѕвезди.
Има големо влијание во Челси и Бенфика и општо во португалскиот фудбал, но го интересираат и фудбалери од нашиот кревок регион кои му носат пари.
Захави е газда во сенка на Аполон Лимасол, клуб кој во српските медиуми стана синоним за спорни зделки на релација Партизан/Црвена Звезда - Gol Football Malta Limited (GFM), познат како негов фонд кој го користи за да се богати.
Најсвежи случаи со трансфери на српски фудбалери каде главната улога ја има Аполон се Лука Јовиќ и Андрија Живковиќ. Првиот завршил во Бенфика, а кариерата на вториот е непозната.
Методот на Захави е таков што тој ги искористува Звезда и Партизан како клубови со големи долгови кои се приморани да му продаваат играчи по екстра поволни услови. Потоа тој го користи Аполон како маска и од таму ги продава во Европа за поголеми пари.
Таков се случаите и со Никола Максимовиќ и Никола Аксентијевиќ за кои се крена огромна врева во српскиот печат, а принципот е ист. Овие двајца играчи фиктивно се продадени во Аполон, а всушност станаа играчи на Витезе и Торино.
Захави неодамна го реализираше трансферот и на аргентинскиот напаѓач Валентин Виола од Спортинг Лисабон, преку Аполон во Мускрон од Белгија. Клуб кој исто така е под негова контрола. Тој всушност лани стана најголем акционер во белгискиот клуб кој пред неколку дена од тренерската функција го отпушти Чеде Јаневски.
Во Мускрон играат неколку српски фудбалери како Марко Шчеповиќ, Марко Павловски, Никола Гулан, како и веќе спомнатиот Аксентијевиќ и сите овие играчи се клиенти на LIAN, агенцијата која е во сопственост на Фаљи Рамадани, инаку близок пријател на Захави.
Во оваа група на фудбалери од Србија за кои се грижи Захави е и Лука Стојановиќ кој играл во младинскиот тим во Партизан, потоа заминал во Спортинг и сега погодете каде игра? Во Аполон. Со таа разлика што таму навистина игра и дава голови, а неговите сонародници не ни знаеле дека дел од својата кариера им “поминала“ на Кипар.
Поранешниот спортски директор на Партизан се отвори на тема трансфери, а го спомна и Захави.