Расинг Сантандер кој постои 102 години наскоро можно е да згасне. Тоа е црното сценарио кое му се заканува на шпанскиот второлигаш, кој сезонава стигна до четвртфиналето на Копа дел Реј, иако играчите со месеци не земаа плата.
Откако ниту еден бизнисмен не пројавил интерес да го превземе клубот, Здружението на поранешни фудбалери на Расинг организираше акција според која за 5 евра можете да станете акционер на клубот.
Во меѓувреме се огласи и градоначалникот на Сантандер, град со околу 200.000 жители кој побара помош и од регионалната влада на автономната покраина Кантабрија за спас на клубот кој е во критична ситуација.
„Навистина е поразително што само 2.500 луѓе се вклучиле во акцијата за спас на Расинг Сантандер. Трагично е што клуб стар 102 години не може да собере уште 900.000 евра за да го избегне банкротот“, изјави за Мундо Депортиво, Мануел Игуера поранешниот фудбалер на Расинг.
Поранешните фудбалери преку медиумите ја потсетија локалната власт дека Расинг преживеал со векови и останал втор бренд во регионот по Банка Сантандер, така што би било трагедија ако исчезне од фудбалската мапа.
„Ќе го спасиме клубот само ако секој од нас земе учество во купување на акциите. Некој повеќе, некој помалку, не е важно, но на овој клуб помошта му е потребна и ние мора да имаме 5.000, 6.000 или 8.000 акционери за да го спасиме“, констатираше Бернардо Колса, исто поранешен фудбалер на Расинг.
Клубот игра во Сегунда дивизион, шпанската втора лига каде во моментов е над зоната за испаѓање со 35 бодови, два помалку од местото кое води во третата лига. Расинг Сантандер пред две години играше во Примера а во сезоната 2008/2009 настапуваше и во Лига Европа.
Видеото преку кое се апелира за спас на Расинг Сантандер: