Екипата на Расинг Сантандер и покрај тоа што минатата година наполни јубилејни 100 години од своето постоење, нема некоја завидна и богата историја. Во 44 учества во Примера максималното достигнување им е освојување на втората позиција, а имаат и едно учество во Лигата на Европа (2008/2009).
Но работите за клубот постојано се влошуваат, особено во последните две години кога од првата пропаднаа до третата шпанска лига. Но не се ниту први, а ниту последни со таков пад, потрагично е што фудбалерите немаат земено плата веќе неколку месеци.
Незадоволството го изразија со статична игра во првите 20 секунди од натпреварот против Алмерија кога одлучија да стојат, а истовремено нивните навивачи се решија за многу пожесток протест и го нападнаа претседателот на клубот Ангел Лавин.
Тој им вети дека заклучно со 31 декември ќе им ги исплати сите заостанати долгови, но ветувањето не го исполни. Тие му одговорија со "контра напад". Елиминираа две прволигашки екипи, Севиља и Алмерија и станаа четвртфиналисти во купот, а во првенството се лидери на табелата.
„Горд сум на моите момчиња кои се изборија за пласман помеѓу најдобрите 8 екипи. Нашата работа е само да продолжиме да работиме и да не мислиме на друго. Со тоа ќе покажеме дека сме вистински професионалци", изјави тренерот Пако Фернандез.
Третолигашот Расинг до крајот на овој месец го очекува двобој против Реал Сосиедад, уште еден клуб од првата лига кој се наоѓа на шестата позиција. Доколку повторно успеат да направат сензација ќе ги чека полуфинален дуел против гигантот Барселона, а тоа би било средба помеѓу скапите ѕвезди и “работничката класа" која игра без пари, но со душа.