Новиот италијански прволигаш Карпи е доволен мотив за нов филм од спортска тематика. По вчерашното реми 0-0 со Бари, Карпи и теоретски го обезбеди пласманот во Серија А. Малиот клуб кој игра на стадионот Сандро Кабаси кој прима само 4.144 гледачи има 12 бодови повеќе и подобра гол разлика од третопласираната Болоња на четири кола пред крајот.
Основан во 1909 година, клубот Карпи 90 години подоцна банкротираше и беше пред гаснење. Од такво сценарио го спасил претприемачот Франко Каикјоли на кој подоцна му се придружуваат и сопствениците на брендот Гауди, Стефано Боначини и Роберто Марани.
Карпи пред пет години играше во петтата лига а од август годинава ќе игра во првата италијанска лига. Подвиг во кој не верувале ниту најзагрижените навивачи на овој мал клуб од регионот Реџо Емилија. Карпи се наоѓа во истоимениот град кој има 67 илјади жители и се наоѓа во северна Италија.
Десет години Карпи се мачел во пониските лиги, за да во сезоната 2009/2010 се пласираат во Серија Д (италијанска петта лига). Следуваа три нови промоции во следните три години и во 2013/14 година се најдоа во Серија Б, каде завршија како 12-ти.
Во актуелната сезона, целта на Карпи бил опстанок во лигата и никој не помислувал на сензационален исход и пласман во Серија А. Како што тргна сезоната, Карпи ја совлада Пескара 5-0 на средината од октомври, редеше победи и ја заврши минатата година како првопласиран со +9 бодови (рекорд на Серија Б на полусезона).
Во февруари и март Карпи имаше четири нерешени средби по ред (сите 0-0), но имаше среќа затоа што и главните конкуренти киксираа. Во април, Карпи победи на 7 од 8 натпревари а поразот од Фрозиноне во минатото коло на само 72 часа ја одложи неверојатната промоција.
„Неверојатен пат. Пресреќен сум со пласманот во Серија А. Тимов напредуваше чекор по чекор и момциве имаат навистина светла иднина“, изјави тренерот Фабрицио Кастори на кој автоматски му се продолжува договорот со промоцијата.
Во февруари, претседателот на Лацио Клаудио Лотито изјави дека би била катастрофа по италијанскиот фудбал ако некој мал клуб како Карпи влезе во првата лига.
„Ако Карпи се пласира или екипи како нив кој не вредат ни една лира, за две до три години лигата нема да има скршен фенинг“, изјави Лотито и ги распали дискусиите.
На крајот, Карпи со пласманот во Серија А како да му удри шлаканица на Лотито со кој ќе се среќаваат веќе од следната сезона.
За тоа на Карпи му треба стадион со капацитет од минимум 20.000 гледачи колку што е критериумот во Серија А. Стадиончето на Карпи собира 4.144 гледачи и не ги задоволуваше ниту критериумите за настап во Серија Б.