Фабио Капело беше назначен за селектор на репрезентацијата на Англија во декември 2007-та година и му беа потребни неколку месеци за да ја донесе одлуката за капитен. Се сменија Џерард, Фердинанд, Тери и Бекам за на крајот да одлучи дека во квалификацискиот циклус за Светското првенство капитенската лента ќе му биде доделена на Џон Тери.
И веднаш згреши. На почетокот на 2010-та година му беше одземена капитенската лента затоа што спиел со девојката на неговиот поранешен соиграч од Челси и националниот тим, Вејн Бриџ.
Рио Фердинанд повторно беше назначен за капитен, но тој се повреди во јуни, па таа улога ја презеде Стивен Џерард.
Во март 2011-та година, Капело повторно му ја врати капитенската лента на Тери, а на него му беа потребни 12 месеци за повторно да направи скандал. Тери упати навреди на расна основа кон брат му на Рио Фердинанд, Антон, по што Фудбалската асоцијација на Англија му ја одзеде лентата, а Капело си поднесе оставка.
Кога Капело беше назначен за селектор на Русија, првата задача му беше да ја врати довербата кај навивачите и да ја подобри атмосферата помеѓу фудбалерите.
Прво нешто што направи во Русија беше враќањето на капитенската лента на Аршавин. И повторно згреши. Репутацијата на Аршавин во Русија одамна беше падната на најниско ниво и тој беше исвиркан уште на првиот натпревар.
Неколку недели подоцна не само што Аршавин повеќе не беше капитен, туку не беше ни во составот на Русија.
Кој ја наследи капитенската лента? Никој друг, туку Игор Денисов! Човекот кој 10 години игра за Зенит и не е капитен на клубот заради неговата ментална (не)стабилност.
Денисов одби да игра за Русија на Европското првенство во 2008-та година затоа што Гус Хидинк многу доцна му го упатил повикот.
Пред две години Денисов се степа на улица и му скрши нос на возач, а тој самиот ја повреди ногата и го пропушти клучниот натпревар на Зенит во квалификациите за ЛШ на кој неговиот тим загуби од Оксер.
По два месеци тој шутна топка кон тренерот на Спартак Москва и започна масовна тепачка. Денисов исто така беше вклучен и во неколку тепачки со соиграчи за време на тренинг.
Само три недели откако Капело му ја додели капитенската лента на репрезентацијата, Денисов започна штрај во Зенит. Тој побара нов договор и поголема плата, а неговиот клуб го испрати во резервите каде тој се повреди.
Сепак Капело повторно му укажа доверба и Денисов беше капитен на Русија на дуелот со Португалија и на вчерашниот натпревар против Азербејџан на кој правдата ја делеше нашиот судија Александар Ставрев.