Убедливиот, а воедно и прв пораз на Македонија во Лига на нации не треба и не смее да ги потишти играчите и да ја уништува атмосферата во репрезентативниот табор, која со години беше хронично непоправлива. Затоа добро е што Пандев како капитен и лидер објави слика на Инстаграм со дел од репрезентативците на која пишува „Семејство“.
Топ потег, особено што лево до него седи најкритикуваниот член на репрезентацијата, голманот Столе Димитриевски кој неизбежно е да не споменеме дека синоќа беше кашкавал во рацете. Колку и да сака селекторот Ангеловски да ја преземе одговорноста за поразот, сепак несмасните голмански реакции го негираат тоа.
Евидентно е дека поразот се случи поради смешни и недозволиви голмански грешки, но факт е и дека Македонија целосно потфрли во играта, особено во средниот ред кој делуваше незабележителен и неинвентивен. Од таму не видовме креација на игра и се чекаше само на Пандев.
Никако не може да се прерипа ниту судењето на катастрофалниот Швеѓанец Мартин Стромбергсон и неговите помошници кои се направија наудрени кога Барди при резултат 1:0 го покосија во шеснаесетник. Српскиот коментатор на Спортклуб, 10 минути се чудеше и ја коментираше одлуката која ако беше нормална, со 1:1 ќе беше друга песна.
Жестока критика за лошото судење имаше и од Стефан Ристовски и Горан Пандев, кој обвинува за два недосудени пенали. Но, што е тука е. Фино ќе беше УЕФА да не се инаети со ВАР кој во Лига на нации го најави за 2021 година.
Муабетот ни е дека за вчерашниот пораз сите заслужуваат критика, од селекторот до играчите кои беа на терен, со акцент на голманот, но нема место за паники, мајки, шајки и обвинувања дека мечот бил сомнителен. Победничката серија кога тогаш се знаеше дека ќе заврши. Па и на Шпанија и заврши, а на Германија никако да и почне.
Македонија и натаму е лидер во група, а со реми и победа на последните два дуели против Лихтенштајн на гости и дома со Гибралтар, математички е прва и оди во плејоф за ЕП 2020.
Добро е што и после вакви високи порази, репрезентативците, во случајот капитенот, објавуваат заедничка слика на социјалните мрежи.
Тоа покажува дека и после дебакл, испраќаат порака до јавноста дека се сплотени и дека кој и да е виновен, поразот треба да се анализира, но не смее да го нарушува победничкиот амбиент. Сепак тоа е само еден пораз на последните 11 средби. Нека се заборави и против Лихтенштајн на 16 ноември да се докаже дека бил само еден лош ден.