24 часовната драма на супер ѕвездата Роналдо заврши со супер крај и за самиот фудбалер кој се враќа во својот дом и за навивачите кои веќе почнаа да слават и да го исмејуваат градскиот ривал.
Трансферот го потврди и самиот клуб кој му ги отвори широко портите на Португалецот. Тој вчера му соопштил на Алегри дека го напушта Јувентус, а утринава замина во тренинг центарот за да се поздрави со колегите.
Црвените ѓаволи и платиле на Старата дама 15 милиони евра плус 8 милиони се планирани за бонуси, а во однос на платата за сега нема официјални информации. Некои извори од островот тврдат дека за двогодишниот договор ќе заработува по 30 милиони евра годишно
„Сите во клубот со нетрпение очекуваат да му посакаат добредојде на Кристијано во Манчестер“, се вели во соопштението на Јунајтед.
Welcome 𝗵𝗼𝗺𝗲, @Cristiano 🔴#MUFC | #Ronaldo
— Manchester United (@ManUtd) August 27, 2021
Роналдо го напушти Јувентус по три сезони во кои постигна 101 гол и освои пет трофеи од кои две Скудета, но не успеа да им ја донесе долго посакуваната титула во Лига на шампиони.
„Денеска заминувам од неверојатен клуб, најголемиот во Италија и еден од најголемите во Европа. Ги дадов срцето и душата за Јувентус и секогаш ќе го сакам Торини“, напиша Роналдо на Инстаграм.
Првично се зборуваше за трансфер во Манчестер Сити, но според пишувањата на Гардијан тие не ги прифатиле неговите услови и не сакале да издвојат 30 милиони евра по сезона за играч кој во февруари ќе наполни 37 години.
За него ова е враќање на Олд Трафорд по пауза од 12 години. Во периодот од шест сезони (2003 - 2007) под водство на Сер Алекс Фергусон тој постигна 118 голови на 292 натпревари и освои три титули во Премиер лигата, една Лига на шампиони, два Лига купа и еден ФА Куп, како и Светското клупско првенство ФИФА и Комјунити шилд.