НЕМА ЅВЕЗДИ ОД МИЛАН И ЛАЦИО АМА ТУКА Е 30 ГОДИШЕН БРАЗИЛЕЦ ОД АТАЛАНТА
Најмногу дискусија во италијанската јавност пред Евро2020 предизвика одбраната. Во репрезентацијата не се најдоа Алесио Ромањоли од Милан и Мануел Лацари од Лацио - десен бек кој имаше одлична сезона и кој може да трча со брзина поголема од 35 км/час.
Наместо нив на Европско ќе патуваат Емерсон Палмиери (лев бек на Челси) и Рафаел Толои (десен бек од Аталанта).
Првиот одигра само 88 минути за цела сезона во Премиер лига, а вториот дури во февруари годинава скоро доби италијански пасош. Манчини вели дека нив ги викнал поради хибридната тактика.
Италијанскиот селектор користи формација 4-3-3 но често знае да сврти на 4-5-1 во одбрана и 3-2-4-1 во напад.
По се изгледа дека Италија ќе игра во состав: Донарума на гол, позади четворка Толои десно, Бонучи и Кјелини стопери, Емерсон Палмиери лево, Жоржињо како последен играч за врска, пред него Верати и Барела, а во напад триото Инсиње лево, Кјеза десно и Имобиле најистурен.
Десниот бек на Лацио не е повикан затоа што Рафаел Толои повеќе одговара на тн. хибридни задачи. Лацари е физички полесен, не може да игра ни трет стопер по потреба.
Со Емерсон од Челси и Ромањоли е уште поедноставно. Работата е во дефицит и профицит. Италијанците имаат недостиг од класични леви бекови. На таа позиција во Серија А разлика прават странците Гозенс и Тео Ернандес. Во репрезентација лев бек играа Спинацола и Бираги кои не се толку експлозивни бекови за одбрана и напад.
Ромањоли не е повикан поради тоа што Манчини повеќе доверба има во другите двајца левоноги стопери: Кјелини и Ачерби. Бастони притоа е подобар со топка од Ромањоли и знае да ја изнесе посигурно.
КРИСТАНТЕ ПРЕД ПЕСИНА ВО СРЕДИНА
Пред две години Песина беше тотално непознат во фудбалската јавност. Играше по 10-ина минути од клупа за резерви. Но позајмицата во Верона и заминувањето на Папу Гомез му отворија врата да блесне во Аталанта и да се развие неверојатно.
Матео Песина сезонава беше право откровение и се најде на поширокиот спсиок на Манчини, но на крај немаше место за него на конечната листа. Пред него место доби Брајан Кристанте од Рома. „Од тактички причини“, одговорил селекторот на новинарско прашање зошто Песина не е викнат.
Кристанте најдобриот фудбал го игра како деструктивец, како диверзант на противничката игра кој напаѓа од длабочина и затоа многу повеќе би помогнал во системот на Мачини.
УШТЕ ЕДЕН ПРАШАЛНИК МЕЃУ БЕРНАРДЕСКИ И ПОЛИТАНО
Додека крилото на Јувентус почесто ја менуваше фризурата отколку што играше, Матео Политано постигна 11 гола во сите натпреварувања за Интер и стана најдобар стрелец во Серија А по голови после дриблинг.
Но.
Федерико Бернардески во Јувентус и Федерико Бернардески општо како играч има разлика. Тој е многу нестандарден фудбалер и неговиот блесок зависи од повеќе фактори.
Навивачите на Јувентус со право се целосно незадоволни од неговото ангажирање и труд па и едвај чекаат клубот да го продаде летово, но Бернардески е адутот кој му треба на Манчини. Баш таков играч може да блесне на еден голем турнир каков што е Европско првенство и да направи разлика.
Интересно во репрезентација додека Манчини е селектор, Бернардески има 4 гола и 4 асистенции на 17 меча. Кјеза пример за споредба има само 1 гол и 4 асистенции на 22 настапи.
Политано постигна 2 гола против Сан Марино но тоа ништо не менува. Според италијанските новинари, Политано не може да игра лажна девојка како што може Берна.
РАСПАДОРИ НАМЕСТО МОИЗЕ КИН
Моизе Кин сезонава во ПСЖ постигна дури 19 гола и играше во полуфинале на Лига на шампиони.
А Џакомо Распадори пред два месеци првпат заигра од старт за Сасуоло и запиша 6 меча. Затоа никој не го сфати Манчини кога го викна Распадори наместо Кин.
Селекторот го објасни овој избор како давање предност на помладиот како залог за иднина, но згреши: Распадори и Кин се иста генерација.
Разликата веројатно е во поинаквите барања на селекторот Манчини. Шпицот на ПСЖ е добар во напад со пространство, а Манчини повеќе претпочита висок посед на топка со густ напаѓачки блок. Нема многу простор за трчање во таков систем.
Напаѓачот треба да ги навлекува противничките стопери и да ослободува повеќе простор за соиграчите да се вклучат во напад од сенка.
Тоа е делумно и причината зошто за Италија Моизе Кин повеќе се извлекуваше како крилен напаѓач од десно а во центарот на нападот го немаше нигде па не даде гол ни против Сан Марино. Први опции на Манчини за нападот се Чиро Имобиле и Белоти, но Џакомо Распадори од Сасуоло е пријатно изненадување затоа што неговиот фудбал е поинаков од оној на тешкашите Имобиле и Белоти. Распадори е технички поткован играч и повеќе сака игра на пасови и пошироки пространства.
Италија отсекогаш на големите првенства била најголем предизвик за букмејкерите. Аѕурите неретко знаеле сензационално да испаднат во групна фаза, а знаеле и да стигнат до самата завршница и да се борат за златниот пехар.
Со селекцијата на Манчини е интересно и што самата не си ја знае силата во моментов, па се е можно на Евро2020.
Конечниот список на фудбалери на Италија за Евро2020.