И покрај смената на генерации и многу промени кои Роберто Манчини ги направи во составот на Италија, сите зборуваат, пишуваат и го величат Фабио Кваљарела. Стариот волк на Сампдорија кој сезонава има повеќе голови од Роналдо синоќа блесна во дресот на Италија.
Без разлика што противникот се викаше Лихтенштајн кого го намачкаа со 6 парчиња, сепак прво секоја чест за Роберто Манчини што го викна, а потоа едно големо браво за Фабио Кваљарела.
Ветеранот на Италија постигна два гола од пенал и стана највозрасен стрелец во историјата на италијанската репрезентација со 36 години. Претходно рекордот го држеше Кристијан Панучи кој на ЕП 2008 и даде гол на Романија на 35 години и 2 месеци. Потоа следуваат Ди Натале, Канаваро и Пирло кои стрелаа на 34 години.
Фабио експлодираше од радост и им се заблагодари и на Сампдорија и на селекторот на Италија.
„Се чувствувам добро физички, тренирам континуирано и не ја чувствувам тежината на годините. Благодарност до Сампдорија која ме држи и до Манчини кој ми ја даде оваа можност. Колегите ми помагаа да стигнам и до хет-трик, но не успеав. Ова беше фантастична ноќ со прекрасни овации од публиката“.
Респект и за играчите задолжени за пенали кои ако не го направија овој гест, тој немаше синоќа да испише историја.
„Пеналџии во репрезентацијата се Жоргињо и Бонучи. Им благодарам што ми дозволија да го шутирам првиот пенал. Вториот? Мислев дека ќе сака да шутира еден од нив, но ми рекоа дека ова е моја вечер и ми го оставија. Прекрасен гест од нивна страна“, изјави Кваљарела
Претходниот гол на Фабио за репрезентација датира од пред 9 години, а пазете го овој куриозитет:
Мојс Кин и Фабио Кваљарела синоќа го предводеа нападот на Италија. Фабио дебитираше за репрезентација на 14 мај 2000-та година, кога Мојс имал само два месеци.
Да ѕирнеме како стои Кваљарела сезонава со голови во Серија А