Како одбрана со лице донесе историја за белгиски Бриж

Белгискиот шампион Клуб Бриж направи историски подвиг и за првпат во историјата се пласираше во плејофот, нокаут-фазата од Лига на шампиони. И тоа без примен гол а дадени 7 погодоци на две кола пред крајот, во силна група.

Клуб Бриж успеа да одигра 0:0 со Атлетико во Мадрид, освои голем, драгоцен бод кој му донесе пласман во осминафинале од Лига на шампиони.

Голем удел во сјајните резултати на најголемото изненадување во ЛШ сезонава има 34-годишниот голман Симон Мињоле. Поранешниот голман на Ливерпул одигра генијален натпревар. Имаше вкупно 9 интервенции (вкупно 14 одбрани во два меча со Атлетико), а најголемата му беше со лице кога одбрани чист гол.

Мињоле фати неколку топки кои изгледаа неодбранливи:

Во последните 15 минути Клуб Бриж играше дури и со играч помалку откако Камала Соу беше исклучен. Атлетико Мадрид притискаше со сите сили пред преполн стадион и во 88’ минута Мињоле одбрани нешто неверојатно по шутот на Мората.

„Сон! Се боревме до самиот крај и успеавме. Минатата година не ни одеше, но чувствувавме дека сезонава ќе биде поинаква и влеговме во плејоф. Нашата приказна уште не е завршена и ќе видиме колку далеку може да одиме. Среќен сум што одново играв важна улога за екипата. Не мислев дека ќе одиграме на нула. Ова е преубав бонус“, изјави пресреќен Мињоле после мечот.

САМО КЛУБ БРИЖ НЕМА ПРИМЕНО ГОЛ НА 4 МЕЧА

Белгискиот првак собра дури 10 од можни 12 бода во четири кола од групна фаза во Лига на шампиони и пред време, на две кола пред крај се пласираше во 1/8 финале.

Бриж на четири меча не прими ниеден гол, комфорт кој го имаше само Баерн Минхен досега но Баварците примија два од Викторија во Плзен (2:4).

Што е поинтересно, Клуб Бриж во ЛШ влезе од четвртиот шешир. Минатата сезона достојно играа во група со Манчестер Сити, ПСЖ и Лајпциг а сега исто имаат многу тешки ривали во Атлетико Мадрид, Баер Леверкузен и Порто. Ги победија сите, а Порто убедливо на гости со 0:4.

Клуб Бриж еднаш во 1991-ва беше во 1/8 финале на Куп на европски шампиони и таму изгуби од Милан во упорна борба во двомечот. Во 1978-ма Клуб Бриж играл во финале на Куп на еворпски шампиони но изгубил 1:0 од Ливерпул.

Станаа прв белгиски клуб кој поминал групна фаза во ЛШ после Гент 2015/2016 кога испадна во 1/8 финале од Волфсбург.

А во домашното првенство Клуб Бриж е на трето место со 8 бода зад Антверпен. Минатата сезона цела година беа зад најголемото изненадување Ројал Унион кој од втора лига влезе во прва и беше на праг до шампионска титула, но Клуб Бриж влезе во победничка серија во доигрувањето и успеа да го надмине ривалот за титула.

 

13 октомври 2022 - 10:01