Како Мароканците го добиле прекарот атласки лавови

Мароканската репрезентација е најголема сензација на Светското 2022. Мароканците имаат прекар атласки лавови и така ги нарекуваат многу светски медиуми и ФИФА која лудиот триумф над Шпанија го опиша: „Атласките лавови испишаа историја!“. Од каде им е овој прекар?

КОГА АТЛАСКИ ЛАВ СТАНАЛ ДРЖАВЕН СИМБОЛ НА МАРОКО?

Атласкиот лав се истакнува со огромни размери (тежи повеќе од 200 кг), има бујна грива и светло-жолти очи. За разлика од другите лавови кои претпочитале рамнини и низини, атласките лавови живееле во планинската област Атлас

Во XIX век ловците пишувале и раскажувале дека тоа е најголемиот лав кој некогаш го сретнале. За жал токму од овој период почнува изумирање на подвидот. Атласките лавови биле масовно стрелани во Тунис и Либија. Неколку вакви лавови биле пронајдени уште во Алжир и Египет, но само Мароко бил загрижен за нивно сочувување. И токму во Мароко веројатно последен пат во дивина е виден атласки лав, некаде во 1950-те години.

Атласките лавови изумирале многу и пред XIX век. Ги користеле за борби против римски гладијатори и во тие борби загинале стотици вакви прекрасни лавови. Исто биле користени и за сурови, окрутни погубувања на затвореници во римско време.

Во Мароко речиси сите атласки лавови ги истребиле француските колонијалисти за кои тоа била забава. Но „благодарение“ на султанот и иден крал Мухамед V сочувани биле 21 лав. Неговите везири посебно ги ловеле за него и ги донеле во неговата лична зоолошка градина како подарок.

Новинарите некаде во 1960-те години ги нарекле фудбалерите на Мароко атласки лавови. Тоа бил најпознат симбол на земјата кој станал и симбол на репрезентацијата.

АТЛАСКИТЕ ЛАВОВИ СЕГА СЕ ПОД ДРЖАВНА ЗАШТИТА ИАКО СЕ ВИД ВО ИЗУМИРАЊЕ

Во националниот зоолошки парк во Рабат во моментов има околу 30 атласки лавови. Посетителите може слободно да ги видат.

Околу стотини атласки лавови живеат во зоолошките градини ширум светот, но повеќето од нив веќе не се чистокрвни. Студенти во некои земји правеле генетски експертизи и често пронаоѓале гени на подвидови на атласки лавови (иако генетичарите уште спорат дали се посебен вид или не).

Ова е поради фактот што во дваесетиот век многу европски и американски зоолошки градини земале атласки лавови кои подоцна ги мешале со други подвидови лавови.

Во ’90-те години се појавил проект со цел одново атласките лавови да се вратат во дивина. Се создало едно дрво на животот на овој вид лав. Им избрале и место каде би можеле да живеат и да се размножуваат, но проектот брзо бил прекинат поради избивање војна во Персискиот залив поради што инвеститорот изгубил интерес.

Сега зоолошки градини од Европа и од градот Рабат во Мароко се обединиле за спас на овој вид прекрасен лав. Водат заедничко генеалошко дрво на животот и следат да нема мешање со други подвидови. Можно е нивно враќање во природата, но зоолошките градини сметале дека таков проект се уште е сложен за реализација.

Научниците и натаму трагаат за лавови во дивината кои се барем делумно поврзани со чистиот атласки лав. Но наоѓаат само остатоци од стари. На пример неодамна во Мароко археолози пронашле скелет од атласки лав кој е стар повеќе од илјада години.

Во меѓувреме репрезентацијата на Мароко игра во чест на атласките лавови на Светското првенство каде е голема сензација и каде победи и не прими гол од селекции како Белгија, Португалија, Шпанија...

Сега ги чека дуел со Франција во историско полуфинале.

12 декември 2022 - 13:22