Серија А сезонава има огромни шанси да добие нов шампион по име Интер кој ита сигурно по патот да ја прекине доминацијата на Јувентус. Според Газета дело Спорт клучот за подемот на Нероаѕурите лежи во нутриционистот Матео Пинчела.
Се работи за веќе позната и стара соработка со Антонио Конте во Јувентус каде му се придружил во 2012-та година, а сега работи паралелно и со италијанската репрезентација.
Под негово водство фудбалерите на Интер имаат уникатни планови за исхрана кои ретко содржат оброци со тестенини.
Наместо тоа, тие јадат најчесто пилешко, сладок компир, ширатаки нудлс и риба. Од недозволените оброци смеат да конзумираат само еднаш неделно.
За 27 годишниот Лукаку тоа значеше откажување на некои лоши навики кои ги имал во Манчестер Јунајтед. Два клучни оброци од неколкуте кои ги исфрлил во Италија и кои му помогнале да ослабе се пица со ананас и паста карбонара, која се прави со јајца и сланина.
„Кога пристигнав во Интер направивме анализа на моето тело и многу работи се променија. Јадам многу салата и риба, а тоа влијае позитивно врз мене. Земам карнитин што ми прави да се чувствувам добро и витамини.
За ручек јадам салата, многу пилешко и нудлс. Откако го следам овој животен стил се чувствувам подобро на терен, поодговорно и побрзо. Сакам и сладок компир и црн ориз, а тестенини не јадам.
Постигнав друго ниво, физички и психички. Еден ден пред натпревар можам да претерам со јаглехидрати. По повеќето натпревари јадам две пакувања њоки. Тие брзо се варат и многу ми помагаат. Пијам и јадам на стадион во нашата менза или ја носам храната дома, а потоа се опоравувам со многу мраз“.
Резултатите се очигледни. Белгискиот напаѓач се препороди во Интер. Првата сезона ја заврши како трет стрелец во Серија А со 23 гола и вкупно 34 на сите натпреварувања, а сезонава е втор со 19 или вкупно 25. Интер е на +6 од Милан кој инаку има натпревар повеќе и на +10 од Јуве.