Да почнеме одма со бројки. Даде 12 гола на првите 9 настапи за Барселона. Во Ла Лига стартуваше со 9 гола на 7 средби и за да најдете такво голгетерско деби, потребно е да се вратите 25 години наназад, кога Бобо Виери слета на Висенте Калдерон.
Левандовски е лидер во првенството со 3 гола повеќе од Борха Инглезиас и од 9 настапи не успеа да даде гол само на двa. Против Рајо Ваљекано (0:0) и во Минхен (2:0), каде повеќе од очигледно дека беше под психолошки притисок.
Промаши три убави шанси кои вообичаено ги дава со заврзани очи. И на двата меча на кои не успеал да стане стрелец, Барса не успеала да постигне гол.
Барселона викендов се врати на врвот во Ла Лига после 833 дена или 91 коло. Долга, предолга лоша низа создадена од одлуката на Бартомеу да го отпушти Ернесто Валверде додека беа први. Тоа се случуваше во јануари 2020-та.
Потоа дојде Куман, па Чави. Се случи збогумот на Меси, па во напад заиграа Лук де Јонг, Брејтвејт, Депај, Обамејанг.
Во сезоната 2021/2022 тандемот со најмногу голови за Барса беше Депај - Обамејанг. Постигнаа вкупно 13 гола, а Левандовски има 12 во тукушто почната сезона.
„Минатата сезона беше тешка за Барса. Се сеќавам кога игравме против нив (3:0 за Баерн на двата дуели), сфатив дека беа концентрирани повеќе на менталниот аспект, но физички не можеа. Сега тимот расте, еволуцијата во првите недели е очигледна. Се подобруваме постојано. Тимот е полн со млади кои имаат голем потенцијал. Има искусни играчи како мене кои имаат функција да им помогнат на овие момци да го достигнат највисокото можно ниво“, вели Левандовски.
А пак за Чави вели:
„Делува на мирен тим, но во реалноста е доста импулсивен. Знае кога треба да вика и кога да советува. Засега нема потреба да фрла копачки во соблекувалната и работите ги објаснува со голема јаснотија. Знае да ти го каже тоа што сте погрешил и како да се подобриш. Задоволен сум од начинот на кој тренираме, како и на тоа што се прави после тренинзите. Некои играчи тоа не го забележуваат, но јас со моето искуство ја гледам важноста на овој тип на подготовки“.
Изборот Барселона
„Никој не мораше да ми објаснува ништо за Барса. Знаев каде доаѓам и гледав напред, а не назад во блиското минато. Знаев дека тоа е голем предизвик и сигурен сум дека клубот ќе врати на врвот. Мадрид покажа интерес за мене во неколку наврати, но ја видов решителноста на Барса и немав дилеми. Знаев дека ова треба да биде следниот чекор во мојата кариера. Моето време во Баерн заврши, имав потреба да сменам нешто во мојата секојдневна рутина“.
„Моите години во Баварија беа извонредни. Освоивме сè и секогаш ќе бидам благодарен на оние кои ме направија подобар играч. Но сфатив дека сакам да пробам нешто ново. Сакав да играм во Ла Лига. Отсекогаш бил мојот сон да се пробам тука, како и за мојата кариера, така и приватно“.
Левандовски воодушевува со леснотијата со која игра и ги дава головите. Повеќе е профил на играч како Бензема, отколку Халанд. Покрај тоа што е смртоносен пред гол на додавањата на Педри и Гави, како и на нафрлувањата на Рафиња и Дембеле, тој соработува со соиграчите, ги тера да ротираат, да вртат и да комбинираат.
По ерата на Меси, но и на Луис Суарез, Барса најде играч кој е поинаков од нив двајца и кој на 34 години има искуство на ветеран, а желба на младинец. Страста за голови во 2022-ра вели вака: 33 гола на 30 натпревари за Баерн и Барса.