ЕП 2016 Франција

Како Хрватска ги остави сите проблеми дома и игра убав фудбал

Хулиганите направија проблем, Дарио Срна го погреба татко му по мечот со Турција, селекторот држи кафуле во Загреб и со години не бил тренер, државата најподелена уште од независноста, а Хрватска игра најубав фудбал на Европското. Како?

Со многу поделби во земјата кои се одразија и на фудбалот, оспоруваниот селектор на Коцкестите, Анте Чачиќ ја состави сложувалката со одлични индивидуалци и Хрватите одиграа одлична групна фаза. Вечерва ги чека Португалија.
 
Капитенот Дарио Срна и неговите соиграчи беа испратени во Франција со разни транспаренти, пароли и банери по мостовите и ѕидовите во Хрватска. Од „Вие сте гордоста на Хрватска“ до „Дабогда се изгубиле таму“.
 
По мечот во Сент-Етјен каде имаше инциденти на трибините кога навивачите фрлаа бакљи и топовски удари, па се степаа меѓу себе, медиумите и народот ги осудија хулиганите.
 
Некои коментираа дека бељаџиите не се патриоти и дека се државни непријатели. Други пак се обидоа да фатат друг агол па велеа дека нередите се очаен обид на навивачите да привлечат меѓународно внимание на домашниот фудбал чиишто лидери, Здравко Мамиќ и Дамир Врбановиќ се обвинети за организиран криминал и избегнување данок. И двајцата демантираа такво нешто.
 
Претседателот на државата, Колинда Грабар-Китаровиќ свика итна седница на владата на која се дискутирало за хулиганизмот. Само ден претходно коалицијата на власт загуби доверба во Парламентот и Хрватска никогаш не изгледаше поподелена уште од независноста.
 
Илјадници километри подалеку, „Ватрените“ го играат најдобриот фудбал во последните 10 години. Тоа е прилично неочекувано затоа што голем дел од јавноста беше фокусирана на Анте Чачиќ, 62-годишен стратег кој немал некоја тренерска кариера. Неговата мината работа давала малку причини за оптимизам, така што Хрватите мислеле дека нема шанси тој да има авторитет во тим со така големи имиња.
 
Но Чачиќ, кој одвреме-навреме гостувал во телевизските емисии и кој држи кафуле во Загреб ја оправда довербата на сојузот. Според информациите од кампот на Хрватска, тој успешно ги штити играчите од влијанија од „домовината“.
 
Тој се докажа и на теренот каде ги надмина сите очекувања. Против Турција ги жртвуваше напаѓачките способности на Иван Ракитиќ и го искористи како „фластер“ на противничкиот плејмејкер Селчук Инан и тоа му донесе резултат. Против Шпанија наместо Модриќ му даде шанса на Марко Рог кој одигра одлично во улогата „разбивач на противничките напади“.
 
Иван Перишиќ е еден од најдобрите играчи на турнирот досега. Дарио Срна, кој го погреба татко си меѓу првите два натпревари на Европското игра како во младоста. Навивачите на Хрватска се плашеа дека Модриќ ќе биде дефокусиран, затоа што е главен сведок во судскиот процес против Здравко Мамиќ кој ќе започне во септември, но Лука игра како прав лидер.
 
Никола Калиниќ кој го замени Манџукиќ против Шпанија исто игра одлично. Ведран Чорлука кој повеќе од 5 пати крвареше и против Шпанија играше со ватерполо заштитна капа е прав херој во хрватските медиуми.
 
Во ситуација кога Хрватска се соочува со големи поделби во земјата, фудбалерите успеваат да го одржат единството, особено што од нив се очекува и да зборуваат гласно за лошото во хрватскиот фудбалски сојуз.
 
Вечерва од 21:00 Хрватска игра против Португалија во осминафиналето на ЕП.