
Големата историска палата која на времето била Градско собрание на Манчестер е во сопственост на Рајан Гигс и Гери Невил, кои ја откупиле со цел на тоа место да направат место за луксузна клиентела. Во меѓувреме, неколку бездомници кои немале покрив над глава го запоседнале имотот и живеат таму. Благодарение на Гигс и Гери Невил, тие ќе може да ја поминат и зимата таму без да ги малтретира полицијата или судските власти.
Весли Хал (33) е еден од бездомниците (squatters) кои во последните денови ја водел групата која спие во просторот. За Гардијан раскажува дека почнал да плаче кога во еден телефонски разговор, Гери Невил му кажал дека ќе може да останат цела зима во палатата.
„Не ми се веруваше. Мислев дека кога се слушна веста за окупацијата, Невил и Гигс ќе реагираат како и секој сопственик на недвижности, ќе бара помош од полицијата и судот за да не избркаат на улица. Напротив, ми одговори дека нема проблем“, вели Весли Хал кој е задоволен што ќе спие на топло цела зима.
„Секогаш се обидувам да им помогнам на бездомниците кога ги среќавам на улиците во Манчестер. Воопшто не сум загрижен што нашата палата во следните месеци ќе биде место за живот на скитниците и оние кои не знаат каде да живеат“, вели легендарниот десен бек во ерата на Алекс Фергусон.
Единствено нешто што им побарал Невил на бездомниците е да ги пуштаат внатре архитектите кои ќе доаѓаат да прават план за работите кои ќе се изведуваат на пролет. Невил побарал и ако може да внимаваат на редот и одвреме-навреме да го одржуваат и чистат просторот.
Градските власти во Манчестер се подготвуваат за зимата и веќе се зборува за организација на Божиќен ручек за бездомниците кој ќе го спремаат најдобрите готвачи во градот. Несомнено дека на собирот ќе бидат поканети Рајан Гигс и Гери Невил.