Како германска железница се потсмева со бараж дуелот за Бундеслига?

Во фудбалското прволигашко друштво во Германија, има епска шанса да влезе екипа од селце со жители колку Ресен. А не дека и противниците се од некоја метропола. Јак мајтап им стегнаа, а ќе биде прејако ако влезат.

Се работи за дуел меѓу веројатно најмалите две екипи кои некогаш играле плејоф бараж за Бундеслигата. Тоа се Хајденхајм и Елверсберг.

Првите се 16-ти во прва, а вторите се трети во втора лига. Што значи првите се во обид да опстанат, а вторите да влезат во Бундеслигата.

Германската железница (Deutsche Bahn) има нула грижи за тоа како ќе ги прими навивачите на овие две екипи кои ќе патуваат на двобојот.

Зошто? Затоа што пазете Елверсберг е место со 7.500, а Хајденхајм со едвај 48.000 жители. Значи вкупното население на овие две градчиња може да го собере на Алијанц арена.

Германската железница на Инстаграм објави слика и напиша дека ова е специјалниот воз за навивачите во бараж дуелот меѓу овие екипи. Дуел кој Билд го напиша како „El Dorfico“, што во превод значи селски.

Инаку ако Елверсберг успее да направи сензација и да влезе во Бундеслигата, гигантите како Баерн, Баер и Борусија ќе ги пречека на стадионче кое може да прими 10.000 гледачи.

Општината Шпизен-Елверсберг има 13.000 жители, од кои 7.500 живеат во местото Елверсберг.

Првиот натпревар се игра вечерва од 20:30 часот во Хајденхајм, а реваншот е в понеделник, 26 мај, во истиот термин.

Додека се случува еден ваков „селски дуел“, во Цвајта се наоѓаат многу поголеми екипи од многу поголеми градови како Шалке, Херта, Хановер, Нирнберг, Кајзерслаутен...

22 мај 2025 - 14:50