Како Брегзит би можел засекогаш да го смени фудбалот

Во случај Велика Британија да излезе од Европската Унија, многу последици би можел да трпи и англискиот фудбал чијашто Премиер лига се смета за најпопуларна во свет. Кои се причините?

Финишираше една од најневеројатните сезони што англискиот фудбал некогаш ги видел. Златниот триаголник на Џејми Варди, Риад Марез и Н’Голо Канте му ја донесоа титулата на Лестер. Заедно со метеорскиот раст на „помалите“ екипи како Тотенхем и Вест Хем кои ја предизвикаа големата четворка, за многу навивачи Премиер лигата никогаш не била подобра.
 
Како и да е, можноста за Брегзит (излегување на Британија од ЕУ) значи и дека фудбалот во оваа земја никогаш нема да биде вака добар.
 
Ако Британија не беше дел од ЕУ, преку 100 Премиерлигашки играчи можеби немаше да добијат работни дозволи, пишува во истражувачката студија на кампањата за останување во заедницата на европски народи. Во студијата пишува уште и дека по евентуален Брегзит, Премиер лигата ќе има тешкотии да привлече некои од најсвежите европски таленти.
 
Покрај тоа, играчи како Димитри Паје, Давид де Хеа и Н’Голо Канте не би имале работна дозвола во земјата. 

Слободно движење на работниците е едно од основните начела на кои се базира Европската унија. Членот 45 од законите на ЕУ, дозволува секој државјанин на земја членка на ЕУ да може слободно да живее и работи во друга држава членка без виза. Овој закон им ги олесна трансферите на играчите во Премиер лигата, меѓу кои и оној на Антони Марсиал за кој Манчестер Јунајтед плати 36 милиони фунти.
 
Легислативите во Британија за сега се многу сложени, затоа што играчите кои доаѓаат од земји чии репрезентации се рангирани од 1 до 10 место на ранг листата на ФИФА мора да одиграле макар 30% од натпреварите на нивната репрезентација во изминатите две години. Играчите од земјите рангирани од 11 до 20 место мора да одиграле минимум 45% од дуелите на нивната репрезентација, од 21 до 30 место на ранг листата на ФИФА мора да настапиле најмалку на 60% од средбите на нивната репрезентација. А оние од 31 до 50 место мора да го носеле дресот на нивната земја на минимум 75% од натпреварите.
Огромното влијание ќе се почуствува врз фудбалот со евентуален успех на Брегзит (излез од ЕУ). Агентот Рашел Андерсон вели: „Зборуваме за тоа што на половина Премиер лига ќе им треба работни дозволи. Во моментов екипите прават се што можат за играчот да добие работна дозвола, што значи дека сега им е тешко, а камоли при излез на Британија од ЕУ.“

Има многу случаеви кога фудбалерите не добиле работни дозволи. Костариканецот Жоел Кембел единствен доби дозвола за настап во Премиер лигата по Светското првенство 2014-та во Бразил. Тој потпиша со клубот уште во 2011, но барањата за работна дозвола му беа одбиени. Арсенал беше принуден да го позајмува цели три години додека не ја добија дозволата.

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ?

Многу е тешко да се предвиди што ќе биде ако Британија ја напушти ЕУ. Многу ќе зависи и од преговорите помеѓу Брисел и британскиот Парламент. Британците би сакале да го следат швајцарскиот модел и да направат свои правила.

Победата на Англија од 3:2 над Германија во пријателската во Лондон дополнително ги мотивирало пратениците кои се за излез од ЕУ да ги тераат клубовите да ги развиваат своите академии во иднина и да се потпрат на домашни таленти, а не странски.

Од друга страна, Премиер лигата би можела да го загрози статусот во светот, затоа што веќе беше под голем притисок од италијанската Серија А сезонава, која за малку не им зема место во ЛШ и Лига Европа за 3. место на ранг листата на УЕФА.

8 јуни 2016 - 15:40