Во фудбалот не секогаш победува подобриот. Непишано правило кое до сега го докажале многу екипи. Меѓу нив е секако тимот на Виган кој викендов направи сензација и го понижи скапиот состав на Шеиците, кои останаа без ниту еден трофеј сезонава и кои можеби ќе се поздрават со Роберто Манчини.
Виган нема ниту славно минато, ниту милијарди, но стигна до прв историски трофеј од своето основање во 1932 година. Замислете, клубот до пред 18 години немал ниту уредни канцеларии, туку бил сместен во стара барака покриена со измет од врапци, а до 1978 година бил дел од аматерски лиги во Англија.
Револуцијата се случила во 1995 година кога на сцена стапил Дејв Велан, бизнисмен кој во 70-те го изградил најголемиот ланец на продавници со спортска опрема во Велика Британија. Неговиот план бил едноставен. Го купил Виган за 450.000 фунти, ги собрал 350те најверни навивачи на клубот во еден паб, ги почастил пиво и им соопштил дека неговата намера е да го одведе Виган во Премиер лигата.
Навивачите му поверувале, знаеле дека е богат и дека има искрени намери, да направи историски чекор со клубот од градот каде израснал и тој. Велан на млади години бил талентиран фудбалер и настапувал за Блекбурн, но откако во финалето од ФА Купот во 1960 година загубил од Волвс и заработил тешка повреда, се повлекол од фудбалот.
„Откако завршив со мојата кариера ми недостасуваше адреналинот, па одлучив да ловам лисици. Но кога мојот пријател падна од коњ и го скрши вратот, сфатив дека треба да работам нешто помалку опасно, а на Виган очајно му требаше помош", вели Велан.
Откако Виган обезбедил опстанок во четвртата лига, новиот газда почнал да вложува пари на засилувања, но и во инфраструктура, па така во 1999 година изградил нов стадион со капацитет од 25.000 навивачи. Стартот бил многу тежок, а Велан за поразите секогаш ги казнувал тренерите кои во првите 6 години ги менувал 8 пати.
Успехот стигнал со Пол Џуел кој останал на кормилото од 2001 до 2007 година. Тој за две сезони го одвел тимот во Чемпионшип лигата, а веќе во 2005 година ветувањата на Дејв Велан биле исполнети и Виган бил дел од елитната Премиер лига.
„Во последните 15 години вложив 100 милиони фунти во клубот, 40 милиони за новиот стадион, а со останатите пари ги покривам долговите за да не му остане клубот должен на никого. Не ги сакам тие пари назад. Многу луѓе милионите си ги носат во гроб, а јас со задоволство ќе ги вложам во клубот. Вреди да се доживее сето ова", изјави Велан.
Клубот се соочувал со уште еден проблем, а тоа е поддршката од навивачите. Виган е мал работнички град со 80.000 жители, а дел се доселеници од Манчестер и Ливерпул кои таму работат и навиваат за овие две екипи.
Но и за ова се нашло стратегија. Шпанецот Роберто Мартинез, сегашниот тренер на Виган во 1995 година беше едно од засилувања во клубот кога Велан стана нов газда. Тој заедно со уште двајца негови сонародници како фудбалер секојдневно шетал во центарот на градот, се среќавал со многу луѓе и работел за популарноста на клубот.
Трудот на крајот му се исплати, затоа што Виган на стадион во просек го следат околу 19.000 фанови. Средбата на Велан со 350те навивачи во пабот ќе остане запаметена како историска. Сонот не само што стана реалност во 2005 година, туку доби и шампионски сјај на Вембли во 91 минута.