Додека во Португалија сè уште траат дебатите за тоа зошто, како и кој е крив што Кристијано Роналдо гневно го напушти тренинг-кампот на репрезентацијата за време на Лигата на нации, Миралем Пјаниќ раскажува нешто од нивното заедничко време во Јуве.
Босанецот откри необичен трик, што Макс Алегри го искористил за да го спречи Кристијано Роналдо да изведе одлучувачки слободен удар. Се работи за гостување против Наполи на 3 март 2019-та.
„Имам една анегдота во врска со ова. Игравме против Наполи и постигнав гол од слободен удар, што е чудно, со оглед на тоа што Роналдо беше во тимот. Тоа беше единствениот начин да дојдам до топката“, вели Пјаниќ на панел-дискусијата на „Festival dello Sport“ во Тренто.
Го прашаа дали Португалецот бил расеан и не забележал, а Босанецот призна дека добил мала помош од Алегри.

„Роналдо го изнуди слободниот удар, мислам дека Мерет доби исклучување поради тоа. Макс Алегри го виде Кристијано како лежи на земја и се држи за коленото, па веднаш ги испрати физиотерапевтите да му укажат помош.
Бидејќи позицијата за слободниот удар беше одлична, тој го повлече од игра и ми дозволи мене да го изведам ударот. И постигнав гол. Тоа беше единствениот начин да дојдам до топката, така што – ти благодарам, Макс!“
Ова и не е празно фалење од страна на Пјаниќ, со оглед тоа што заедно со Дибала беа најопасни изведувачи во тоа време во Јуве. Роналдо има изведено 98 слободни удари во дресот на Јуве во Серија А, а има постигнато само еден гол.
„Кристијано сам треба да одлучи што сака да прави со животот, може да се врати“