Неговото прво сеќавање од детството е поврзано со фудбал, овековечено со фотографија која станала семејна реликвија.
Сцена: Парма, големиот плоштад Гарибалди. Во кафулињата седат луѓе. Пијат кафе или вино од големи чаши, листаат весници, викаат, се смеат. Се собираат гулаби и во еден момент малечко дете шутира топка и птиците се разлетуваат. Стоп, кревај завеса. После 16 години тој малечок дебитираше во Серија А.
20 август 2016 година. Прво коло во италијанското првенство. Меч против вечните ривали. Федерико Киеза засекогаш ќе го памети тој ден. Тренерот на Фиорентина Пауло Соуза го стави меѓу резервите против шампионот Јуве. Кога малиот Феде го слушнал своето презиме во соблекувалната, пребледел.
„Јувентус Арена“. На десет метри од него Дани Алвеш, играчот кој Федерико пред неколку месеци го купил во својот тим на FIFA. А пред него Буфон, поранешниот партнер на татко му во славната Парма. Чичко Џиџи често доаѓал кај нив на гости да дегустира тосканско вино.
Сè што се случувало изгледало толку нереално што во прв момент Федерико останал во соблекувалната. Морал да се носи со возбудата и адреналинот. Кога се вратил во подтрибинскиот простор му дошол редар кој мислел дека малиот е залутан навивач:
- Дојди ваму, не смееш тука, сега ќе дојде шефот. Никој не смее да излезе на терен.
- Извинете, но ја денес играм на него.
Генерално Федерико е многу скромен и пристоен. Овие квалитети на младиот центарфор често му ја потискуваат смелоста особено после доаѓањето на славата и парите. Но Феде тоа не го вообразило а стручњаците веќе го споредуваат со видни фигури од италијанската школа на фудбалот.
Лани светскиот шампион од 1982 година Фулвио Коловати изјавил дека Италија немала таков шпиц уште од времето на Бруно Конти и Франко Каузио а тоа е најголема пофалба. Понекогаш во Фиренца може да видите слика како Киеза трпеливо дава автограми и се слика со ученици. Поминува по пет, десет, дваесет минути, а бројот на деца не се смалува. Но тој никаде не оди. Така навивачите на „Виола“ го засакаа како Роберто Баџо.
Федерико е популарен како и татко му кој на крајот од ХХ век блескаше во Фиорентина. Сега млади деца кога му приоѓаат додека Федерико е со татко му легендарниот Енрико го прашуваат: „О, вие сте татко на Федерико? Може ли и од вас автограм?“
Секако, споредбата со татко му е неизбежна иако Федерико се смета за сосема поинаков фудбалер. Енрике беше повеќе универзалец, можеше да игра и на крило и во самиот шпиц од нападот. Еднаш Фабио Капело рекол дека тој е хибрди на Паоло Роси и Џиџи Рива. Федерико почнал како истурен центарфор.
Со татко му се различни како играчи, но емоциите на теренот им се исти.
Еден од првите тренери на Федерико, Маурицио Ромеи раскажал дека Киеза помладиот ефективно шутира и со двете нозе и тоа го наследил од татко му. Но, стручњаците во почеток биле скептични за него, сметале дека тој игра инстиктивно, дека дрибла непотребно и како резултат на тоа има голем број загубени топки во опасните зони од теренот.
Тренерите во младинскиот сектор на Фиорентина долго време тврделе дека во него не гледаат ништо специјално освен добрата генетика. После првиот меч за младите го пратиле во уште помала возрасна група - Pulcini, каде играат деца родени во 1998 година и помлади а тој бил една година постар.
Тогаш на совет на своите родители почнал да се спрема за живот надвор од фудбалот. Му требала алтернатива: „Можеш да го искористиш знаењето стекнато на теренот“, го тешел татко му Енрико.
Во Фиренца Федерико тргнал во американско школо каде напорно учел англиски јазик и го научил толку добро што соиграчите го завикале „Англичанецот“. А по завршувањето на школото тргнал на факултет за физичка култура на познатиот Универзитет во Фиренца.
Паралелно со учењето, напорно тренирал па стигнале и првите успеси во Primavera (младинци) после што Фиорентина му понудила 4-годишен договор. Најголема заслуга во преобразбата на Киеза-помладиот имал Федерико Гуиди - поранешен тренер во младинците кој неодамна стана селектор на репрезентацијата на Италија У-20. Зборуваат дека токму тој бил најзаслужен што селекторот Џанпјеро Вентура во април годинава го викна младиот Федерико Киеза на собир во базата во Коверчано.
Кога стана првотимец, Федерико кај тренерот Пауло Соуза играше во формација 3-4-2-1 на позицијата десно крило, улога за која треба многу дисциплина и физичка подготвеност. А главно, многу работа без тока.
Федерико цел живот ќе му биде благодарен на Португалскиот тренер кој му дал шанса во самиот напад и не го ограничувал. Киеза помалку шутирал на голот и повеќе размислувал на теренот. Со текот на времето стана најголема надеж на новата италијанска генерација фудбалери.
Притоа заслужен е и за добра атмосфера во соблекувалната. Зборува неколку јазици и им помага на странците во адаптацијата.
„Вие никогаш нема да ме видите мене зад воланот во ’Кајен’. Може да биде мало ’Ауди’ кога ќе стекнам возачка дозвола’. Да не бев фудбалер, ќе станев физичар. Прочување на Вселената ми е примарна идеја. Немам ниедна тетоважа. Во современиот фудбал многу внимание се посветува на имиџот, но за мене тоа е неважно.“, вели Федерико Киеза во разговор за италијанските новинари.
Кога го дал првиот гол за Фиорентина вели дека сакал да ги гушне сите присутни на стадионот. Дома се вратил пресреќен. Мајка му била толку возбудена што не можела збор да изусти а татко му Енрико му дал неколку совети и го прашувал за методите на работа на некогашниот тренер Соуза и актуелниот Пиоли.
За популарноста на Федерико во Тоскана може да се суди и по еден настан. Во едно школо во Пиза на децата им дале да нацртаат црква. Учителот само што не паднал кога видел дека едно од децата го нацртало Киеза во дрес на Фиорентина затоа што на италијански Chiesa значи црква.
Самиот Феде вели дека сака да остане во Фиорентина цел живот, да биде нејзин капитен и симбол. Да стане новиот Џанкарло Антониони на Фиренца. Иако три месеци од раѓањето живеел во Џенова, тој се смета себеси за прав Фиорентинец.
Но за тоа се прашува и Аурелио Де Лаурентис кој често му ѕвони на другар му Диего Дела Вале со понуда за Киеза. Минатото лето Зенит за него понудил 40 милиони евра, а го следат Јувентус и Челси... До тогаш, Феде ќе дава голови во омилениот виолетов дрес.