Во 2013 година, Јувентус му плати на градот Торино 11,7 милиони евра за концесија на земјиште од 17,6 хектари во реонот Континас, недалеку од модерниот стадион „Алијанц“.
Шест години подоцна, во 2019 Јувентус го заврши проектот J Village, ултрасовремен комплекс кој се протега на територијата и кој располага со тренинг центар, клупски канцеларии, медицински центар, хотел, медија центар, фан шоп и детско училиште.
Последен во низата е хотелот J Hotel со 4 ѕвезди. За управување (менаџирање) со хотелот била основана компанијата B&W Nest. Јувентус има 40% од акциите, а 60%, мнозински пакет акции му припаѓа на ланецот Lindbergh Hotels (оваа компанија има хотели со 4 и 5 ѕвезди на неколку морски летувалишта).
„Со отворањето на J Hotel, ние ја завршивме реконструкцијата на зоната која што десетина години беше заборавена од градските власти. Нашиот клуб стана двигател на таа операција и вложи, со се изградба на стадионот, повеќе од 350 милиони евра“, вели Алдо Мација, CEO во управата на италијанскиот шампион.
Хотелот се наоѓа на 600 метри од „Алијанц Стадиум“ и важи за тренинг база на екипата. За гости е достапен од крајот на август. Дел од собите се резервирани за претставници на клубот, но во J Hotel може да преноќи кој сака. И кој може секако.
Ова е прва гостилница во Италија која му припаѓа на фудбалски клуб.
СО ШТО РАСПОЛАГА J HOTEL?
„Урбанистички стил, висококвалитетен мебел и најмодерна технологија. Собите и апартманите во нашиот хотел се опремени со екслузивни услуги“ - пишува на сајтот на хотелот.
Во J Hotel има 138 соби од кои 32 се во сопственост на клубот. Собите се делат на 4 категории: J Suite, Comfort, Deluxe и Executive. Меѓу услугите е и телевизија со пакет Sky.
За гостите постојано има лаунч бар и ресторан Taola (во превод од пијемонтски дијалект значи маса, со 80 седечки места).
Шефот на кујната во ресторанот Taola, во склоп на хотелот е Давиде Скабин. Тој важи за еден од најглавните готвачи во земјата, сопственик и на ресторанот Combal.Zero, кој има 2 ѕвезди од Мишлен и високо котира на ранг листата на најдобри светски ресторани San Pellegrino. Скобин продолжува да работи во Combal.Zero, но потпишал и 2-годишен договор со J Hotel.
Хотелот функционира и како бизнис центар.
Интересно, во комплексот има и осум тн. „митинг-румс“ кои носат интересни називи: „Бјанконери“ (капацитет 70 луѓе), „Црни“ (43), „Бели“ (30), „Екипа“ (90), „Напаѓачи“ (20 луѓе), „Среден Ред“ (20), „Одбрана“ (20), Голмани (20).
КОЛКУ ЧИНИ И ШТО ВЕЛАТ ГОСТИТЕ?
На пример ако се решите да резервирате соба на Booking, таа чини околу 117 евра. За тие пари може да резервирате соба во декември. Двособна со кингсајз-кревети чини 136 евра (просечна цена на соба во хотел со 4 ѕвезди во Торино е некаде 100 евра). Оние поголемите во J Hotel чинат 190 евра од вечер, а семејниот лукс соби се 272 евра од ноќ.
На Booking, J Hotel има сосема добри оцени во сите категории: 9-ка има персоналот, 8.7 оцена за удобност, чистота 9.3, комфорт 9.1, местоположба 8.9.
Но како и секој хотел, така и луксузниот J Hotel има свои маани, па например тука се наведува недостиг на детско ќоше во ресторанот, мени исклучиво на англиски, високи цени за хотел од 4 ѕвезди и главна претензија, зголемување на цените на денот на натпреварите на Јувентус.
На сајтот на J Hotel има 30% попуст кога Јувентус игра дома, но и покрај тоа например соба на денот на натпреварот со Милан (10 ноември) чини 300 евра, а за меч од ЛШ (22 октомври против Локомотив Москва) чини 440 евра.
ДАЛИ ЖИВЕАТ ФУДБАЛЕРИ ВО ХОТЕЛОВ?
„Овде останавме со син ми пред мечот со Наполи. Тој беше пресреќен кога во ходникот ги сретна Буфон, Бонучи и Алекс Сандро. На сите навивачи им препорачувам: дојдете во J Hotel“, пишува во коментарите на Booking на еден од гостите.
Можно е појавување на ѕвездите да е маркетиншки трик, но Јувентус во хотелот има и соби за своите играчи. Таму привремено престојувале или уште престојуваат Арон Рамзи, Адријан Рабио, Мерих Демирел и тренерот Маурицио Сари, додека не нашле стан во градот.