Во четвртокот вечер бјанконерите со победа можеа да го освојат рекордното 9-то скудето по ред во Серија А, но кренаа бело знаме во Удине каде блесна нашиот Несторовски.
Екипата предводена од Маурицио Сари игра во прилично лоша форма. По рестартот на сезоната Јувентус победи на 5 од 12 меча што е нормална статистика за просечен клуб од Серија А а не за иден шампион. Притоа изгубија на пенали во финалето на Купот.
Од почетокот на јули Јувентус има само една победа на пет последни меча. Прима гол на 7 средби по ред (на последните 5 меча примија 12 гола).
„Старата дама“ против Удинезе нема изгубено 5 години а на гостински терен во Удине цели 10 години.
Сезонава Јувентус може да освои максимално 89 бода што би бил најслаб бодовен учинок за пет години. Последен пат не стигнаа до бројката од 90 поени во Серија А во сезоната 2014/2015.
Актуелниот италијански шампион досега прими 38 гола а последен пат така беше во сезоната 2010/2011 (последна предшампионска сезона кога завршија на седмо место).
Удинезе му го нанесе на Јувентус петтиот пораз сезонава. Ако бјанконерите изгубат уште еднаш ќе го повторат анти-рекордот од пред 9 години. Тимот на Сари изгуби 18 бода што не се случило 9 години.
Сега им требаат три бода за и теоретски да ја освојат титулата. Зад грб им дише Аталанта која што има 6 бода помалку. До крајот Јувентус игра против Сампдорија (дома), Каљари (на гости) и Рома (дома).
Неколку дена по крајот на Серија А ги чека и реваншот од Лига на шампиони со Лион каде имаат негатива 0-1 од првиот меч.