Фудбалерите на Барселона често раскажуваат како на 20 минути пред финалето од Лига на шампиони во Рим против Манчестер Јунајтед, Пеп Гвардиола ги собрал во соблекувалната (меѓу нив бил и Габи Милито кој не стапна на терен цела година поради повреда), и со музика од „Гладијатор“ им одржал мотивационен говор.
Велат дека некој од играчите дури и заплакал.
Десет минути по стартот на големото финале, Самуел Ето го дрибна Видиќ и го даде 36. гол во сезоната. Во 70’ минута Лео Меси го постигна можеби најубавиот гол во едно од многуте финалиња во кариерата - на асистенција на Чави скокна и невообичаено со глава го матираше високиот Едвин ван дер Сар.
Тешко е денес да се каже дали инспиративниот говор на Гвардиола му помогнал на Ето да даде гол уште на почетокот или дека му помогнал на Меси да го постигне прекрасниот погодок. Но еден подоцнежен говор на Пеп, далеку поинспиративен, им помогнал на неговите ученици во Манчестер Сити.
****
Пред крајот на летото во 2017 година, кога до премиерата на најголемата фудбалска документарка од Amazon имало уште две недели, официјалниот акаунт на Манчестер Сити објавил краток трејлер.
На видеото се гледа како Пеп Гвардиола пред исклучително важниот меч со Тотенхем на кој играше без Давид Силва, вели:
„Денес сме должни да победиме од една единствена причина. Должни сме да победиме за Давид Силва и неговата жена Џесика. Тие страдаат. Денес ќе истрчаме на терен и ако по ѓаволите нешто тргне лошо, ќе играме за него. Ме разбравте?“
Не само што го разбрале, туку само што излегле од соблекувална на Тотенхем му дадоа четири гола.
Но ова не им ја олеснило маката на Давид и на Џесика. На неколку дена пред мечот на „Етихад“, нивниот син Матео се родил дури три месеци порано од предвиденото. Силва отпатувал во Шпанија да биде покрај сопругата и новородениот син. Мечот против Тотенхем го гледал на iPad во болницата „Каса де Салуд“ во Валенсија.
Кога во 70’ минута Кевин де Брујне го дал вториот гол за Сити, се свртел кон камерата и со прстите покажал број 21, под кој игра Давид Силва.
После неколку дена Силва се вратил во Англија, одиграл цел меч против Вотфорд и одново се вратил во болница во Валенсија.
Тогаш првпат јавно раскажал за проблемите со синчето, им заблагодарил на персоналот на болницата, на Манчестер Сити и на Гвардиола.
„Тоа беа најтешките шест месеци во мојот живот. Не спиев, не јадев, постојано летав од Англија во Шпанија и обратно. Летовите беа многу долги зошто мислев само на Матео и Џесика. Мислам дека не може да си претставите. Просто невозможно е да се долови колку тешко ми беше додека не го споделив ова со вас. Само што ќе стигнев во Валенсија, веднаш трчав во болницата и таму седев цело време. Дури и кога се враќав во Манчестер, со умот бев во Шпанија“, раскажа Силва и ја потресе светската јавност.
Поради болеста на синчето, Давид не стигнувал ниту да тренира (самиот вели дека на терен излегувал еднаш неделно), но тоа не му сметаше пак и пак да ваќа авион до Манчестер и да игра како во животот да не му се случува ништо друго освен фудбал.
Во првата половина на 2018-та година Шпанецот постигна два гола по ред против Арсенал, имаше асистенција против Челси кога Сити славеше минимално, имаше две асистенции во убедливата победа против Евертон и даде два гола против Стоук.
Секој гол Силва го прославува со автентичниот гест - ја бакнува левата дланка каде стои името Синтија - негова братучетка која пред 17 години починала на 5-годишна возраст од рак. Од моментот кога му ја откриле болеста на своето синче и кога ја направил тетоважата Never Surrender, Давид Силва на две места ја бакнува својата рака.
****
Цела 2018 година ни во Англија, ни во Шпанија не знаеле како да го завршат лекувањето на син му и никој не може да сфати како Силва ставил толкав товар на рамениците и неколку месеци летал на релација Валенсија-Манчестер.
Во еден момент Гвардиола јавно го ослободил Давид од обврските, а пред јануарскиот меч со Барнли во ФА Купот, кога Силва штотуку се вратил од кај семејстовото, Пеп го земал микрофонот и рекол: „Тотално не е важно дали ќе изгубиме, затоа што Давид не може да биде со нас.“
Следната вечер Силва влегол во во составот и му наместил гол на Лирој Сане, а Сити даде четири гола за пласман во следна рунда.
Во месец февруари Шпанецот го сруши 130-години стариот англиски рекорд со 26 победнички натпревари во сите сите турнир. На крајот од сезоната 2017/2018 тој имаше 10 гола и 17 одиграни средби од моментот кога Матео и Џесика првпат биле примени во болница.
Покрај тоа, тој заврши меѓу Tоп 3 асистенти во лигата со 11 асистенции. Пред него беа само Вилијан и Азар, кој за среќа, не морале да патуваат во болница после секој меч како Давид.
За осум години колку што е во Сити, Давид Силва на „Етихад“ донесе три шампионски титули и стана капитен во отсуство на Компани.
И покрај се, тој секогаш остана дискретен херој во сенка на медиумски привлечните Тевез, Агуеро, Јаја Туре, Балотели, Де Брујне, Гвардиола.
Давид Силва до денешен ден има 77 асистенции со што е на листата од 10 најдобри додавачи во историјата на Премиер лига. Од активните играчи на оваа листа само Џејмс Милнер и Сеск Фабрегас имаат повеќе асистенции.
Што е уште поневеројатно, природната позиција на Давид Силва отсекогаш била или лево крило или полушпиц зад напаѓачите во формации 4-2-3-1 или 4-3-3.
Но Пеп пред некое време го врати во центарот на игралиштето каде е меѓу Кевин де Брујне и Фернандињо и од каде креира игра.
И тогаш не плачеше дека не е на своја позиција, туку докажа дека и од таму е најдобар играч во екипата: 9 гола и 11 асистенции на новата позиција со дури 73 точни додавања во просек по натпревар.
Оваа позиција бара покривање големи површини на теренот и многу трчање, а Давид без проблем ги завршува сите обврски па дури и стигнува да дава голови.
****
Кога малиот Матео излегол од болница на неколку недели пред крајот на сезоната 2017/2018, Силва го испланирал првото појавување на синчето на „Етихад“ стадионот. Дебито на Силва-помладиот се случи во август месец, на неколку минути пред мечот со Хадерсфилд. Давид го облекол малиот Матео во опрема на Сити, го зема во раце и го изнесе на терен каде доби големи аплаузи од публиката.
„Матео беше ѕвезда на денот. Кога ќе порасне, прво што ќе му кажам ќе биде за тој момент. Не за титулите и трофеите. Се ќе биде во втор план“, изјавил среќниот Давид.
Сити со 3-0 го победи Хадерсфилд, а Давид Силва по последната свирка на Андре Маринер ја земал топката за спомен. Подоцна за сајтот FourFourTwo изјавил: „Уште не ми е јасно како се справив со сето тоа?“