Сасуоло собра три златни бода викендов на тешкото гостување против Сампдорија во борбата за опстанок, а клубот на својот Твитер профил издвои еден посебен дел од тој меч на кој се гордее.
„Фантастичен ден за да се прослави еден неверојатен рекорд. Франческо Ачерби ги одигра сите 100 последни натпревари без да испушти ниту минута“.
Последното негово отсуство е забележано на 4 октомври 2015-та кога не настапил против Емполи поради повреда.
Две недели подоцна, Ачерби се вратил на мечот против Лацио кој го добиле со 2:1 и од тогаш не е седнат на клупа: 86 настапи во Серија А, 4 во Куп на Италија и 10 во Лига Европа.
Неговата неверојатна низа на настапи 90 минути, не прекина ниту со смената на тројца тренери. На крајот од минатата сезона Еузебио ди Франческо си замина од Сасуоло и ја презема Рома, Кристијан Буки беше отпуштен во ноември, а екипата сега ја води Џузепе Јакини.
Јунакот на Сасуоло кој играше една сезона и за Милан, две години и кусур не се мрда од зелената фудбалска површина, а пред само четири години му беше отстранет тумор на тестисите.
И тоа не е сè. Откако се вратил да игра го викнале на допинг контрола на која тестот бил позитивен. Но тој не бил виновен, бидејќи не конзумирал никакви недозволени средства. Прелиминарната суспензија од страна на федерацијата била укината затоа што се утврдило дека допингот се должи на хорионски гонадотропин, кој е произведен од страна на некои канцерогени тумори.
Но упорниот Ачерби минал и преку тоа, се вратил во акција во септември 2014-та по што имаше и два настапи за репрезентација. Тој не само што не застанува со играње, туку можеби е најконстантниот фудбалер во Серија А изминативе години.
„Не сакам да престанам да играм, ова е мојата страст. Никогаш не сум задоволен, се подготвувам цела недела и додека јадам и се одморам, се со цел да можам да продолжам подобро да играм. По мојата болест, сдфатив дека немам време за жалење“.
Приказната за неговиот фудбал пат ја имате тука.