По Дончевски, Хаџиевски, Канатларовски, Јовановски, Илиевски, Сантрач, Бабунски, Катанец, Јонуз и Тошак, на клупата на македонската фудбалска репрезентација седнува искусниот стратег Чедомир Јаневски.
Новиот селектор денес и официјално беше претставен на јавноста во присуство на претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор Петар Милошевски.
„Се радувам на договорот со Чеде Јаневски. Најпосле добивме вистински човек како предводник на националниот тим. Имавме стратегија и критериуми, а тие критериуми Јаневски целосно ги исполни и ние го прифативме со широко отворени раце. Посакувам заедно да се радуваме на сите победи на нашиот национален тим", изјави Ѓорѓиоски.
Јаневски го даде и своето мислење за ривалите од квалификациската група за пласман на Светското првенство кое во 2014-та година ќе се одржи во Бразил.
„Добро ја познаваме групата. Сите репрезентации имаат одреден квалитет и сите имаат свои амбиции за квалификациите. Не можам да ветам одреден пласман, или да поставам одредена цел, туку можам да кажам само дека ќе го подобриме нивото на играта“, изјави Чедомир Јаневски.
Во својата кариера како фудбал фудбалер, Јаневски беше дел од шампионската генерација на Вардар, а потоа настапуваше за Клуб Бриж, Шарлоа и Локерен во Белгија, како и турскиот клуб Истамбулспор. Јаневски беше дел од дефанзивната линија и на репрезентацијата на Југославија, како и на пет натпревари за македонската фудбалска репрезентација.
Чедомир Јаневски е првиот Македонец која доби тренерска ПРО-лиценца од УЕФА. Во 1997-та година беше селектор на младинската репрезентација на Македонија, а потоа кариерата ја продолжи во Белгија. Во својата тренерска кариера тој ги предводеше младинскиот и сениорскиот тим на Клуб Бриж, беше асистент во грчки Олимпијакос и белгиски Гент, во 2008-та година беше тренер на Црвена Звезда, а потоа ги предводеше кипарските клубови Енозис и Етникос Ахна.