Еден од најпознатите и најсакани гастроентеролози во градот Неапол, Аниело Лаури не сакал ни под разно да го пропушти мечот кој Наполи го доби со 4-0 против Генк.
На вратата од својот кабинет, доктор Лаури залепил лист на кој пишувало:
„Внимание Внимание,
Денес 10-12-2019 ординацијата затвора во 18:00, вечерва игра Наполи, па најдете некој доктор кој е помалку навивачки опседнат. Се предупредуваат пациентите дека во случај Наполи да испадне од Лига на шампиони, кабинетот ќе биде затворен до 2 јануари 2020 година.
Срдечно,
доктор Аниело Лаури.“
Инаку др. Лаури е многу ценет гастроентеролог во градот под Везув, а и претходно имал вакви објави на својата врата, па пациентите сфатиле дека тој се шегува.
Еднаш објавил дека навивачите на Јувентус ќе ги прима само во 12 часот и тоа на празникот Прочка во недела.
„Сите знаат дека сакам да се шегувам со такви објави. Иако во моите шеги секогаш има и пола вистина. Уверен сум дека цел град вечерва ќе биде заедно. Сакам да се шегувам, но љубовта кон Наполи е права болест“, рекол доктор Аниело.
На крај Наполи славеше 4-0 а пациентите може да бидат среќни што нема да мора да чекаат прием до 2 јануари кај докторот.