Италијанци клавајте голови, инаку нема титула

Дека Буфон заедно со триото колеги во одбрана составено од Кјелини-Бонучи-Барцаљи ќе биде главно оружје на Италија на ова Европско на кое ќе се обиде да поведе и после да се брани, покажува и статистиката на напаѓачите кои имаат ужасна реализација.

Клавајте голови им кажа Шундо на своите на ЕП 2012, но нешто слично кажа и Марчело Липи пред шест години, откако на 16 јуни 2010-та, Италија првиот меч на Мундијалот во Јужна Африка го одиграа реми 1:1.

„Ако не напаѓате во опасната зона за шут, нема никогаш да дадете гол“, им се обрати Светскиот првак од 2006-та на Јаквинта, Џилардино, Пацини, Ди Натале и Кваљарела.

Шест години подоцна за истото треба да им вика и Антонио Конте на своите играчи бидејќи напаѓачите кои ги одбра за ЕП 2016 имаат катастрофална реализација ако се бројат само нивните голови постигнати за репрезентација.

Пеле од Саутемптон има постигнато 5, Инсиње (Наполи) и Едер (Интер) по 2, а Ѕаѕа (Јувентус) и Имобиле (Торино) само по 1, што значи дека Конте се решил да носи во Франција петмина напаѓачи кои заедно за Италија имаат постигнато 11 гола.

Во однос на едно големо натпреварување (Светско или Европско првенство), тоа им е најлошиот податок од 1986-та. Нападот со Инѕаги, Дел Пјеро, Тони, Тоти, Џилардино и Јаквинта пред Мундијалот во 2006-та тежеше 69 голови. Пред ЕП 2004-та 57, а на ЕП 2008 напаѓачите на Италија отпатуваа со багаж од 55 голови. Бројки кои не се споредуваат со сегашнава ситуација.

Само два пати селекцијата на Италија отпатувала на едно големо натпреварување со напаѓачи кои заедно имаале под 20 голови за репрезентација. На Светското 1990-та на кое беа домаќини имаа 19 голови од кои Виали 11. Роберто Баџо 3, Алдо Серена и Андреа Карневале по 2 и Роберто Манчини 1. Тото Скилачи беше на 0, но потоа блесна и со 6 гола на Мундијалот беше најдобар стрелец и прогласен за најдобар играч.

На ЕП 2000 напаѓачите заминаа со бројка од 18 голови. 11 беа на Дел Пјеро, 6 на Инѕаги и 1 на Тоти. Монтела и Делвекио до тогаш немаа постигнато гол.

На Конте сега му преостанува да се моли на „нов Тото“ или да очекува помош од другите. Освен Де Роси кој има 18 голови за репрезентација, друг никој нема бројки за фалење. Кјелини 6, Кандрева 4, Бонучи, Ел Шарави и Џакерини по 3, Флоренци 2, Дармијан и Мота по 1.

СП 1990 и ЕП 2000 со таа претходна реализација на напаѓачите не им донесоа трофеј, туку завршија на трето и второ место.

8 јуни 2016 - 09:42