Италија - Македонија на неутрален терен?

Строгите протоколи за пандемијата, во моментов го ставаат под знак прашалник местото на одигрување на мечот од квалификациите за Мундијалот во Катар. Според сегашната ситуација, нашите фудбалери не би можеле да влезат на чизмата.

Бараж средбата за Светското фудбалско првенство меѓу Италија и Македонија е веќе закажана за 24 март на стадионот Ренцо Барбера во Палермо, но Република пишува дека надлежните органи наскоро ќе бидат повикани да се изјаснат по тоа прашање.

Според италијанскиот весник проблемот е во тоа што многу македонски репрезентативци не се вакцинирани или ја примиле вакцината Спутник, која италијанската влада веќе некое време не ја признава официјално.

Тоа значи дека според сегашната ситуација, македонската фудбалска репрезентација не би можела да влезе во Италија.

ФИФА била известена и веќе почнала да ги разгледува сите опции, вклучително и онаа мечот да биде преместен на друга локација.

Италијанските медиуми пишуваат дека евентуалната преселба на мечот во друга земја, би била уште една лоша вест за селекторот Роберто Манчини кој нема да може да смета на поддршка од домашната публика против тешкиот противник кој добро се претстави на последното Европско, каде беше предводена од Елиф Елмас и Горан Пандев.

Победникот од овој дуел во финалето ќе се соочи со подобриот од мечот Турција - Португалија, а таа средба вредна пласман на СП ќе се игра на 29 март.