Пред неколку денови во четвртфиналето на Европското првенство, Шпанија го разби „француското проклетство" и тие конечно ги победија своите северни соседи на натпревар на едно големо натпреварување. Вечерва истото ќе се обидат да го сторат и Германците.
Трикратниот светски и трикратен европски шампион и една од најуспешните репрезентации на планетава, Германија никогаш во историјата ја нема победено Италија на еден официјален натпревар.
Прв пат овие две репрезентациии се сретнале на голем турнир во 1962-та година на Светското првенство во Чиле. Во последните 50 години тие имаат одиграно седум натпревари, од кои на три има победено Италија, а четири завршиле без победник.
Последен пат Германија и Италија на официјален натпревар се сретнаа на 4 јули 2006-та година. Германија како домаќин на Светското првенство се надеваше на седмо финале и тоа на свој терен, но нивниот сон повторно беше срушен од Италијанците. Натпреварот заврши 0:0 во регуларниот дел, но со головите на Гросо и Дел Пјеро во продолженијата, Италија ја елиминираше Германија и се избори за финале каде славеа против Франција.
Германците сонуваат за одмазда и ќе се обидат да ја продолжат серијата од 15 победи во серија, но Италијанците немаат пораз на последните 14 натпревари и сакаат реприза на 2006-та година. Ни преостанува да гледаме уште една епска германско-италијанска битка за големото финале на Европското првенство.