Историскиот мундијалски меч кој донесе два рекорди кои тешко се рушат

Кога на 28 јуни се споменува некој спортски настан во рубриката „На денешен ден“, по важност на прво место без конкуренција оди натпревар кој навидум немаше никаква важност, но на крај се издвои како посебен, неповторлив и многу важен.

Се работи за средбата меѓу Русија и Камерун од Мундијалот во САД 1994 кои се сретнаа во третата рунда од групната фаза. Играа за публика и престиж бидејќи Русија ги загуби првите два меча од Бразил и Шведска, а Камерун беше поразен од Бразил и одигра реми со Шведска. За разлика од Русија тоа значеше дека има барем мали теоретски шанси за понатаму.

По 15 минута игра Олег Саленко, инаку напаѓач на шпанскиот тим Логронес го отвори резултат, а до полувреме успеа да постигне хет-трик. Камерун кој на претходното Светско првенство во Италија стигна до сензационално четвртфинале, го имаше неповторливиот Роџер Мила.

Камерунскиот напаѓач во 80-те играше во Франција, а во 1976-та година беше прогласен за најдобар африкански фудбалер на годината. На Мундијалот 1990-та доби повик за репрезентација на контроверзен начин. Имаше 38 години, па кај селекторот ургираше лично претседателот на Камерун.

Даде два гола во групна фаза против Романија и стана највозрасен фудбалер на Мундијалите, а потоа го реши и осминафиналниот дуел против Колумбија, исто така со два гола, овој пат во продолжение за историски пласман во четвртфинале.

Да се вратиме на мечот против Русија на СП 1994. Роџер Мила влезе во игра во 45 минута и веќе во следната минута ја измами руската одбрана и намали на 3:1. Камерун не успеа да постигне уште некој гол во вториот дел, но затоа Русите постигнаа уште три за конечни 6:1.

Два од нив беа дело на Саленко кој стигна до 5 гола. Само осум играчи успеале да постигнат 4 погодоци на еден натпревар, ни кој нема стигнато до 5.

Роџер Мила и Олег Саленко успеаа на еден ист натпревар без никакво резултатско значење да постават два рекорди, кои тешко ќе се најде некој да ги сруши, особено оној на Африканецот.

Мила е најстариот напаѓач кој успеа со 42 години да стане стрелец на Светските првенства, а Олег Саленко се уште е едиинствен со 5 гола на еден меч.

Роџер Мила ќе остане запаметен како една од првите ѕвезди од Африка кој се прослави во меѓународни рамки и кој и помогна на својата репрезентација да стате првата африканска селекција која стигна до топ 8 на еден Мундијал.

Олег Саленко одигра само 8 меча за Русија, а во кариерата настапуваше за Валенсија, Глазгов Ренџерс, Истанбулспор, Кордоба и Погон. Наградата за најдобар стрелец на Светското во САД ја победи со Христо Стоичков со кој постигнаа по 6 гола.

28 јуни 2017 - 13:18