Историски трофеј за Аталанта во ЛЕ, непобедливите капитулираа во Даблин

Фудбалерите на Аталанта го освоија првиот европски трофеј и само втор воопшто во својата 116 годишна историја и тоа против неверојатниот Баер Леверкузен кој се соочува со прв пораз сезонава, дури по завршувањето на Бундеслигата. Финале од соништата за Адемола Лукман кој со хет-трик го деморилаше германскиот првак.

Аталанта е фудбалски роман, кој почнаа да го испишуваат пред 8 години под водство на Џан Пјеро Гасперини.

Четири пати ги однесе во Лига на шампиони, еднаш дури и во четвртфинале, три пати во финалето од Купот на Италија, а кулминацијата стаса во нивното прво европско финале во кое го освоија и првиот европски трофеј.

Претходно се имаат израдувано единствено на трофеј во Куп на Италија, освоен пред 60 години.

Одиграа финале за паметење во кое го надиграа не било кој, туку Баер Леверкузен кој сееше страв сезонава и која стана шампион без пораз. Им прекинаа неверојатна низа без пораз од 51 натпревар, најдолга во историјата на европскиот фудбал.

Зад убедливиот триумф од 3:0 стои само еден стрелец, а тоа е Адемола Лукман кој стана прв играч со хет-трик во финале од ЛЕ.

Момците на Чаби Алонсо одиграа разочарувачки натпревар и беа тотално надиграни во сите сегменти од играта. Аталанта далеку поорганизирана и поагресивна уште од првата минута, целосно заслужено стигна до трофејот.

22 мај 2024 - 22:56