Натпреварите меѓу Динамо и Ѕвезда и онака биле натпревари од висок ризик, но овој меч захтевал додатни безбедносни мерки бидејќи се играл во време кога национализмот во земјите од поранешна СФРЈ растеле се повеќе, а трибините биле идеално место за да се искаже сета омраза која ги зафати Хрватите, Србите и Босанците.
На тој пеколен 13 мај 1990 година полицаецот Рефик Ахметовиќ требал да има слободен ден. Бил на должност во полициската станица Дубрава во Загреб и планирал да оди на викенд. Но добил повик од командирот кој му рекол дека мора да се јави на должност на мечот Динамо и Ѕвезда бидејќи од Белград ќе допатува голема група на навивачи кои веројатно ќе се степаат со Бед Блу Бојс.
Рефик се јавил во станица, се задолжил противпожарна кацига и со колегите се упатил кон Максимир. Со него биле двајца Хрвати, двајца Срби и уште еден Бошњак. Комбинација полна со симболика бидејќи по тој натпревар Рефик никогаш повеќе не ги сретнал овие колеги.
Сведоците од тоа време велат дека се знаело за тој меч дека нема да биде како другите. Распадот на Југославија веќе бил извесен, национализмот посилен, националистичките партии ја зграпчиле власта, а поддршка имале од навивачките групи кои според однесувањето наликувале на хулиганите од Англија.
Во Загреб гостувала можеби најсилната Црвена Ѕвезда која една година подоцна ќе стане Европски првак, а Динамо бил второпласиран на табела и предводен од младата ѕвезда Ѕвонимир Бобан.
Откако завршил со образование, Ахметовиќ пристигнал во Загреб во 1987 година. Тој имал искуство со обезбедување на стадиони, но вели дека не ни сонувал дека може такво нешто да се случи на Максимир.
„Знаевме дека ќе има инциденти, но никој не претпоставуваше дека толку ќе ескалира. Се почна рано наутро кога околу 3 илјади навивачи на Ѕвезда на чело со Жељко Ражнатовиќ - Аркан пристигнаа во Загреб. Почнаа веднаш да провоцираат, да удираат по излози на улица и моравме веќе околу 8 часот наутро да ги сместиме на стадион“
Уште на два часа пред стартот двете навивачки групи почнале со навреди. БББ скандирале „Србе на врбе“, а од другата страна се слушало „Друже Тито, друже Тито, тебе Срби лажу, они воле, они воле генерала Дражу“.
Околу 18 часот фудбалерите се појавиле на загревање, а навивачите на Ѕвезда ја пробиле оградата и почнале со тепање. Потоа домаќините се судриле со полицијата, се пробиле на терен и се обиделе да стигнат до јужна трибина за да се пресметаат со Србите. Сцените ужасни: полиција, пендраци, камења, солзавци...
„Мислам дека тој ден ништо не се случуваше спонтано. Тогаш тоа така го гледав, но подоцна сфатив дека сите беа организирани. На стадион имаше еден куп камења и следниот дена биле собрани два камиони полни со камења.
Задачата на Рефик била да ги штити гостинските навивачи и голманот Стојановиќ, но откако ескалирало насилството, 1.000 навивачи се стрчале на терен и потоа дошло до крвава општа тепачка. Полицијата се надевава дека во смирување на инцидентот ќе помогнат пожарникарите, но во нивните возила немало вода.
„Од трибина спрема нас леташе се што ќе им се најде на луѓето во рака. Во еден момент додека ги чекавме специјалците помислив дека сите ќе загинеме“.
Полицаецот тврди дека Ѕвонимир Бобан дошол на средина на терен и ги повикал навивачите на Динамо заедно да тргнат накај јужна трибина каде се наоѓале гостите кои се смириле бидејќи сфатиле дека немаат шанси со многу побројните Загрепчани.
„Не знам како, но во тој момент еден навивач на Динамо тргна спрема мој колега со метална канта во рака со намера да му ја набие во глава. Тргнав накај него за да му го спасам животот, го фатив навивачот за рамо и го удрил неколку пати со палица“.
Навивачот практично бил роднина на Бобан.
„Бобан ме пријде и ме праша што правам тука на терен, а јас го прашав истото бидејќи знаев дека тренерот им нареди да се повлечат во соблекувална. Тој остана со уште три-четири соиграчи, а останатите беа повлечени“.
Рефик се обидел да го избрка Бобан во соблекувална, но не успеал. По неколку пцовки, капитенот на Динамо тргнал да се пресмета со него.
„Тргнав спрема него, но беше побрз. Се виде на неговото лице дека сака да се пресмета со мене и го удрив со палица по препоните. Тој се обиде да ми врати и во тој момент мој колега го удри во лакт. Потоа Бобан ме удри по рака, ми падна шлемот и јас тргнав да го подигнам од тревата. Ме удри со нога во рамо и за негова среќа не бев тешко повреден, инаку се можеше да се случи, па можеби и ќе пукав во него“.
Рефик раскажува како во тој момент колегите вриштеле за да пука во Бобан кој во тие моменти тренерот Јосип Куже го однел во соблекувална.
„Сите ми викаа да му пукав во грб, но не сакав. Им реков дека сите имаат пиштоли, па кој сака дека пука, но јас на никој нема да му пукам во грб“.
По бурните случувања на Максимир, дисциплинската комисија на фудбалската федерација на Југославија го казни Бобан со 9 месечна забрана за играње фудбал, мерка која според хрватските медиуми била оценета како престрога.
Бобан тогаш имаше 22 години, но селекторот Ивица Осим не го повика за Светското првенство во Италија. Неколку месеци подоцна фудбалер на Марибор и младински репрезентативец на Југославија е претепан на Књез Михајлова бидејќи личел на Бобан.
Потоа славниот Бобан зборуваше дека не го памети името на полицаецот со кој имал блиска средба и дека го бранел неговиот роднина кој се стрчал со метална канта во рака.
„Знам само дека се работи за Бошњак и ништо повеќе од тоа. Можеби така е и подобро. Зошто да се потсетуваме на такви работи“, рече Бобан.
По неколку дена боледување, Рефик одлучил да се врати на служба во БиХ, а за време на војната работел во Тузла. Потоа ја напуштил полицијата и отворил автошкола. Со Бобан се сретнал само еднаш по инцидентите на Максимир.
„Два-три дена после тоа се сретнавме во едно кафуле во близина на Максимир. Колегите ми тераа некаде да го сретнеме и да го тепаме, но јас не сакав. Да сакав, тогаш ќе го сторев тоа, но што било, било, иако тие денови не ми беше пријатно во Загреб“.