Лига Европа

Интер го разнесе Шахтјор и се пласираше во големото финале

Во првото полуфинале од Лига Европа, Манчестер Јунајтед напаѓаше цел меч, но во финалето влезе Севиља која даде 2 гола од 3 шута. Во второто полуфинале немаше такво нешто: Интер го прегази Шахтјор со 5:0.

Тимот на Антонио Конте жестоко ги казнуваше сите грешки и невнимание на одбраната на Шахтјор во првите 15-ина минути. Украинскиот состав кој претходно во 180 минути им даде 7 гола на Волфсбург и Базел, делуваше изморено.

Првиот гол

Во 19. минута вечниот голман Андреј Пјатов лошо исфрли една топка - право во нозе на Николо Барела. Италијанецот тргна напред и фантастично го пронајде Лаутаро Мартинез кој со глава го отвори резултатот.

Втор гол

Постигнат на стартот на вториот дел. Овојпат без грешки на противникот, просто бекот Матвиенко ја изгуби позицијата на Данило Д'Амброзио по еден корнер, а бекот на Интер постигна гол за 2:0. Минута претходно Мораеш имаше стопостотна шанса да го израмни резултатот со глава но Хандановиќ ја спаси на гол линија. Ова беше трет гол на бекот Д'Амброзио на последни пет натпревари. Толку дал вкупно претходно на 58 меча.

Трет гол

Тарас Степаненко неспретно прими една топка на средината на теренот, па откако му ја одземаа, фудбалерите на Интер во неколку паса стигнаа пред голот на Шахтјор каде Лаутаро го постигна вториот гол. Ова беше негов 21-ви погодок сезонава. Синоќа Аргентинецот беше неверојатен со 33 точни додавања, 4 украдени топки, 2 гола и асистенција.

Четвртиот гол

Дојде време и за Лукаку. Белгиецот сезонава е како машина. Прво по грешката на Конопљанка, Лукаку тргна кон голот на Шахтјор, одигра еден-два со Лаутаро и го совлада Пјатов за 4-0.

Петти гол

Дебаклот на некогашниот освојувач на Куп на УЕФА го затвори Лукаку кој доби една топка, го помина Хочолав и го матираше Пјатов низ нозе за 5-0.

Во 50. меч за Интер Ромелу Лукаку постави рекорд: постигна гол во 10-ти меч од Лига Европа по ред. Тој има 14 гола и 4 асистенции само во ЛЕ.

ЗАНИМЛИВОСТИ

- Ваква убедлива победа во полуфинале на Куп на УЕФА и Лига Европа уште немало.

- Ова е прво европско финале за Антонио Конте. До синоќа најдобро достигнување у беше полуфинале на Лига Европа во сезоната 2013/2014 кога со Јувентус испадна од Бенфика.

- Ова беше првпат откако се игра Лига Европа која го замени Купот на УЕФА од сезоната 2009/2010, еден италијански тим да се пласира во финале.

- Во 1999-та година првпат италијански тим влезе во финале на Куп УЕФА и тогаш Парма со 3:0 го победи Марсеј.

18 август 2020 - 08:30