Палермо синоќа на стадионот Олимпико во Рим беше во нок даун откако по само 26 минути игра прими 5 гола. Три од нив беа дело на Кеита Балде кој со головите во 21-ва, 24-та и 26-та минута стигна до најбрзиот хет-трик во Серија А од 2000-та година до сега.
Рекордот во изминативе 17 години го држеше Андриј Шевченко кој на средбата против Перуџа даде три гола во периодот од 69-та до 76-та минута.
Оваа сезона Мауро Икарди постигна хет-трик против Аталанта во рок од 9 минути, потоа Андреа Белоти против Палермо беше побрз од него за една минута, но Кеита и двајцата ги фрли во сенка откако синоќа против Палермо беше незапирлив во 6 минути.
Хет-трикот на 22 годишниот напаѓач на Лацио не се смета само за најбрз во новиот милениум, туку во последните 42 години во Серија А.
Претходно побрз од него беше Пјетро Анастаси од Јувентус кој во 1975-та постигна хет-трик за само 5 минути, а апсолутниот рекорд го држи Валентино Мацола од Торино кој 1947-та му успеа за 3 минути.
Кога сме кај ова достигнување, прилично свежи ни се сеќавањата кога Роберт Левандовски пред две години му даде три гола на Волфсбург во рок од 3 минути у 53 секунди.
Инаку тројцата фудбалери со најголем број на хет-трикови во Серија А се Кавани (7), Ди Натале (6) и Милито (5), а крал на ова поле е Кристијано Роналдо со вкупно 46 хет-трикови од кои 41 му се во дресот на Реал Мадрид.
Хет-трикот на Кеита за 6 минути
Хет-трикот на Белоти за 8 минути
Хет-трикот на Икарди за 9 минути